Фестивал на староградска музика – Затоа што битолската чаршија има многу да раскаже

во битолската чаршија фестивал на староградска музика

Пред платото на Мал Битолски Монмартр, вечерва битолската чаршија ќе блесне во име на староградската музика.

Замислете само колку приказни има да раскажe калдрмата во битолската чаршија. Колку дуќани и излози знаат да зборуваат за нашата историја. Којунџиите раскажуваат како се ковала душата на Битољ… Кројачите уште ја чуваат свилата и најголемите тајни на одважните дами – битолчанки. Кондураџиите се уште зборуваат за нејзините совршени чевли и секогаш една „Пепелашка со скршена потпетица“. Уште се муабети оти ноќе споулавено се бара принцот низ дуќани… А можда и меани. На она место каде се пее, каде не запира музиката и младоста.

Чешмите уште течат на ова место, па и колку понекогаш да изгледа тажна приказната на битолската чаршија, животот продолжува, а водата е секогаш тука да ги измие солзите и се одново да започне.

битолската чаршија старорадска музика

Фото – Павлина Василевска

Кога врвиш низ чаршија уште се слуша звукот на гитара и таа мала и тивка серенада! Се слушаат поткованите чевлички на одважните дами. И муабетите на берберите, на бовчарите, јажарите. На леблебџиите и месарите. На ѕвончарите и кожарите.  Се расплетуваат и откриваат приказните за бељот, ромбељот…Кој имал среќа во карти и меани, а кој во љубов.

..Има една посебна миризба во Битолската чаршија. Посебен однос кон животот дури ја газиш таа калдрма. Има една посебна мистерија „шо“ те трга и зауздува низ специфичен простор од кој излегуваш со некој мангал муабет. Одважен, кабадајски… Костумосан и со пикантен шмек на боемски мерак.

Вечер, во таа битолска чаршија, во нашата чаршија, започнува Фестивалот на староградска музика. 21 часот е моментот кога битолчани ќе уживаат во уште една еснафска и боемска приказна на маестралните Боеми. А приказната продолжува и во Сабота на 12ти со Група Ѓердан и Битолски Тамбураши.

Низ чаршија, низ звукот на меракот, чупите, виното и само една песна: „Ако одам во Битола. “