Од тркачката патека до училишните дворови: Трчај бе трета година донира спортска опрема за децата

Од тркачката патека до училишните дворови: Трчај бе трета година донира спортска опрема за децата

Не се сите медали на целта. Некои остануваат во училишните дворови. Некои во спортските сали. Некои во рацете на децата кои утре ќе играат фудбал, ракомет или одбојка.

Во ООУ „Св. Климент Охридски“ во Битола вчера беше реализирана донација на спортска опрема за сите основни училишта во градот, во присуство на наставниците по физичко и здравствено образование.

Донацијата ја предаде тимот на Трчај бе. Како дел од традицијата средствата обезбедени преку настаните повторно да се враќаат кај децата.

Трчај бе трета година донира спортска опрема за децата

Ова е трета година по ред како Трчај бе реализира ваква донација за битолските училишта. Во првите две години беа донирани атлетски реквизити и опрема. А оваа година, по предлог на наставниците по физичко образование, средствата беа насочени кон набавка на фудбалски, ракометни и одбојкарски топки.

Вредноста на донацијата изнесува околу 150.000 денари.

Дел од топките се произведени од македонската компанија ДАВКА, додека дел се обезбедени преку Фудбалската федерација на Македонија.

„Во основа на речиси секој спорт се наоѓа трчањето. Затоа во изминатите две години се фокусиравме на донации за атлетиката. Обезбедивме сериозна количина опрема за потребите на основните училишта.

Оваа година ги следевме препораките на наставниците по физичко образование, кои се наши драги пријатели во проектот Мини Трчај бе и средствата ги насочивме таму каде што тие проценија дека се најпотребни, во набавка на спортски топки за учениците.
Ние не сме само трка. Трчај бе е заедница. Секоја година, заедно со учесниците, родителите, наставниците, волонтерите, партнерите и спонзорите создаваме нешто многу поголемо од еден спортски настан. Затоа ни е важно дел од средствата повторно да ги вратиме кај децата. Медалите се важни, но некои од најубавите победи не се случуваат на целта. Тие остануваат во училиштата, на спортските терени и во секое дете кое утре ќе се движи повеќе, ќе игра повеќе и ќе спортува повеќе. Ако успееме да придонесеме барем малку кон тоа, тогаш знаеме дека Трчај бе ја исполнил својата мисија“, велат од организацијата.

Да потсетиме, четвртото издание на Мини Трчај бе ќе се одржи на 13 јуни на Градското шеталиште во Битола, со почеток во 9:00 часот.

На годинашната трка се пријавени повеќе од 800 деца од Битола и од повеќе градови низ Македонија, што уште еднаш го потврдува статусот на Мини Трчај бе како најмасовна детска трка во земјата.

Покрај тркачките дисциплини, учесниците ги очекува ден исполнет со спорт, игра, забава и бројни изненадувања, а секое дете ќе добие стартен пакет и медал по завршувањето на трката.

Фото | Диоген Хаџи Коста Милевски

[post_tags]