„НЕВИДЛИВИОТ МОТОР НА УСПЕХОТ“ ЈА НАПОЛНИ УЧИЛНИЦА: LIVE SESSION #7 НА „СВЕСНОСТ“ ОТВОРИ РАЗГОВОР ЗА ПРИТИСОКОТ, АМБИЦИЈАТА И ЛИЧНИТЕ БОРБИ ЗАД УСПЕХОТ
Некои настани завршуваат кога ќе се изгасне микрофонот. Live Session #7 на „Свесност“ во Училница, всушност, почна токму тогаш.
Просторот беше исполнет до последно место со публика што не дојде по мотивациски фрази и „брзи рецепти“ за успех. Туку по нешто многу поретко, а тоа е искрен разговор за цената што често стои зад успешните луѓе.






Темата „Невидливиот мотор на успехот“ отвори разговор за притисокот што не се гледа. За моментите кога животот нè крши, а сепак продолжуваме напред. За амбицијата која многу често не расте од суета, туку од преживеано искуство.
Говорници на седмото издание на Live Sessions беа:
- Игор Божиновски – основач на „Божиновски часовници & накит“
- Полексена Јанкуловска – маркетинг директор во Бимилк и регионален маркетинг менаџер во Имлек
- Јасмина Атанасова – професорка и писателка
Разговорот со смиреност, длабочина и исклучително прецизни прашања го водеше Катерина Ристески, психотерапевт под супервизија. Ристески успеа да отвори простор во кој гостите не зборуваа само за успехот. Зборуваа за ранливоста, притисокот и личните вистини што стојат зад него.
Игор Божиновски зборуваше за слободата како најголема форма на успех. За тоа како истата улица може некого да уништи, а некого да мотивира.
„Јас мојот успех го мерам по слободното време кое го имам и бескрајно го ценам,“ истакна Божиновски, додавајќи дека најголемата мотивација за него е поместувањето на сопствените граници и лимити.






Јасмина Атанасова потсети дека поддршката не е секогаш да ни биде дадено она што го сакаме.
„Некогаш поддршката е кога нема да ни се даде она што го сакаме, за да го создадеме сами за себе,“ рече Атанасова, зборувајќи за личната одговорност, животните избори и променливата природа на успехот низ различни животни фази.
Полексена Јанкуловска зборуваше за успехот како процес, енергија и трага што ја оставаме зад себе.

„Во денешно време на хипер-продуктивност, успех може да биде и кога ќе одмориме,“ потенцираше Јанкуловска, отворајќи тема за современиот притисок постојано да бидеме „повеќе“ и „подобри“.
Еден од најсилните моменти на вечерта беше сознанието дека зад многу луѓе кои денес изгледаат силно и стабилно, стојат приказни што јавноста никогаш не ги видела.
Публиката остана долго и по официјалниот дел. А разговорите продолжија во неформална атмосфера, со музичка селекција на BerryQyat DJ set, која на целиот настан му даде дополнителна интимност и убава енергија.
Од „Свесност“ велат дека токму тоа е суштината на Live Sessions:
да создадат простор каде луѓето не доаѓаат само да слушаат, туку и да се препознаат себеси.

