Сефедин Бајрамов во YUGO – Најнова епизода

Сефедин Бајрамов – песна што тежи, глас што трае

Во најновото издание на,,емисијата на тркала” на Мими – YUGO, гостин е човекот чиј глас е емоција со трајно значење – Сефедин Бајрамов. Пејач со шлагерска душа, со песни што растат со времето, а не стареат.

Сефедин Бајрамов и неговиот најголем хит, „Прстен за неа“, денес добива нов интензитет. Песна што „тежи“. Што го добива својот полн сјај и станува личен саундтрак. Како за младата публика, така и за оние што знаат дека вистинската емоција нема рок на траење.

Гостинот зборува за своите корени. За левата страна на Драгор во Битола, која, како што вели, отсекогаш била расадник на таленти.

За музичката култура создадена околу конзулатите, за младоста помината со италијанска музика, печалбарски песни, „Шехерезада“, игранки и првите бендови. Битлси, „Молнји“, а како посебен идол – Кичо Слабинац, чиј глас еднаш целосно го „симнал“ на работна акција, по што сите разбрале колку убаво пее.

Прв пат влегува во студио во 1977 година во Нерези. Пее песна од Момо Николовски, настапува на Серенада во Битола, а во 1981 ја претставува Македонија на Опатискиот фестивал.

Посебна е и песната „Душата ми е во Битола, снагата во Стамбола“, направена во чест на Демировски – композиторот на безвременската „Битола, мој роден крај“. Сефедин вели: „Сè што е извадено од душа – има трајна вредност“, а од таа почит произлегува и иницијативата за посета на гробот на Демировски во Измир.

На 12 февруари, во Домот на културата во Битола, Сефедин Бајрамов најавува концерт „од срце“, зашто, како што вели, „и еден човек да е публика – тоа е концерт“. Тоа е заеднички концерт – со публиката.

На крај, со искрена насмевка, нагласува дека му е чест што е гостин во мозаикот на Мими – мозаик составен од спомени, музика и луѓе што траат. Погледнете ја епизодата подолу во текстот.

пишува: Ромина Марковска

[post_tags]