СВЕЧЕНО ДОДЕЛУВАЊЕ НА КНИЖЕВНИТЕ НАГРАДИ „ВАСИЛ ИЉОСКИ“ ВО КРУШЕВО

На 24.12.2025 година, Крушево стана центар на големо збиднување посветено на македонската книжевност. Имено, во спомен-собата на Васил Иљоски, се одржа свечено доделување на книжевните награди „Васил Иљоски“.

Книжевната награда „Васил Иљоски“, за првпат годинава, беше востановена и доделена од страна на новооснованиот Книжевен кружок „Васил Иљоски“ Крушево, којшто дејствува во склоп на Здружението за афирмација на култура, екологија и рурален туризам „КУЛТУРЕН МАНИФЕСТ“ Крушево.

Први лауреати коишто се закитија со книжевната награда „Васил Иљоски“ се истакнатите македонски писатели:

Венко Андоновски – награда за животно дело; Михајло Свидерски – награда за развој на македонската книжевност; и Никола Јовановски – специјалната награда за 40 години книжевно творештво.

На настанот беше присутен и градоначалникот на Општина Крушево Нико Чонески којшто на самиот почеток одржа краток поздравен говор и го отвори свечениот настан.

Со свој говор се обрати на присутните и претседателот на Книжевниот кружок „Васил Иљоски“ Крушево, Валентин Тасески, којшто ја истакна големата активност и издавачката дејност на Кружокот во краткиот период откако е создаден. Дополнително, ги пренесе срдечните поздрави кон организаторите од Кружокот и присутните, како и честитките до лауреатитеупатени од госпоѓата Весна Иљоска, снаа на Васил Иљоски.

Пред секое доделување на наградите, членови од избирачката комисија за доделување на книжевната награда „Васил Иљоски“, со свои говори ги претставија био-библиографиите на годинешните добитници.

„Вечен вљубеник во Крушево, лик од чаршијата и еснафот, кој шест децении домува, учителствува и твори во својата родина. Поезија која длабокото се врежува во колективната и личната меморија. И продолжува да одекнува како зрела, достоинствена благодарност за четириесет години посветеност на зборот.“, со овие зборови Маја Митева Петроска го опиша Никола Јовановски и неговото четиридецениско творештво.

„Творештвото на Михајло, со еден збор може да се нарече дека е темјан. Темјан кој од едно зрно, тивко почнува да гори, ја исполнува собата со благодатно присуство и ја има моќта да преобразува, оставајќи го доброто секогаш да го совладува злото.“, истакна Марија Трифуновска Тасеска во своето обраќање за Михајло Свидерски.

„ После цела една пејада македонски писатели – од Иљоски, па наваму – како што се: Кочо Рацин, Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Стале Попов, Владо Малески и други; се појавува Венко Андоновски и со современо постмодерно перо испишува нови страници во македонската книжевност.

Тука сакам да дополнам дека, Венко е македонскиот писател којшто со својата креативност и со своите дела ја натера мојата генерација да чита книги.“, со овие зборови и уште неколку лични случки што ги раскажа Никола В. Ристевски, достојно го претстави Венко Андоновски и неговото целокупно творештво.

Врачувањето на книжевните награди „Васил Иљоски“ предизвика голема возбуда, бурни ракоплескања, емотивни мигови, па дури и по некоја солза.

Свечениот дел од настанот во улога на водител го водеше Валентина Спасеска.
По свечениот дел, сите присутни преминаа во салата за проекции. интерактивниот дел започна со извадоци од најновите книги на лауреатите, коишто ги прочитаа: Марија Котеска, Атанас Ташкоски и Ивана Колчакоска, ученици во СОУ „Наум Наумовски-Борче“ Крушево.

Потоа следуваше интерактивен разговор помеѓу лауреатите и членовите на Кружокот, во кој беа споделени писателски искуства, но беа пробудени и многу спомени од минатото. Во разговорот се приклучи и присутната јавност со свои прашања и пофални зборови за лауреатите, а целиот настан се заокружи со потпишување книги од страна на авторите.
Овој настан претставува пригодно одбележување на двата јубилеи што се слават годинава: 125 години од раѓањето и 30 години од смртта на Васил Иљоски, еден од столбовите на македонската драмска книжевност.

Настанот заврши со искрени честитки и желби за продолжување на дејноста на Книжевен кружок „Васил Иљоски“ Крушево, за да прерасне во традиција што ќе ја продолжат и идните генерации вљубеници во македонската книжевност и македонскиот јазик.

Фото: Маја Преш

ПР текст

[post_tags]