Во среда, 26 ноември, со почеток од 19:00 часот, книжевниот клуб UTOPIA во Битола ќе биде домаќин на промоцијата на новиот роман „Толку темно“ на драматургот и прозен автор Сашо Димоски.
UTOPIA и овој пат останува верна на идејата книжевноста да се живее одблиску, како разговор, размена и заедничко искуство. Настанот е уште едно поглавје во програмата посветена на современата македонска литература, со акцент на автори кои имаат препознатлив, моќен глас.

Сашо Димоски е драматург, прозен автор и универзитетски професор, чии текстови одамна имаат сопствен пулс и препознатлива поетика. Неговите драми се играат на домашни и странски сцени, преведувани се на повеќе јазици, а прозата му е забележана со бројни критики и награди. Димоски важи за еден од најинтересните претставници на новата книжевна генерација, автор кој умее да ја спои драмската напнатост со прецизен, кус и силен јазик.
Романот „Толку темно“ не се движи по класични романескни правила. Наместо линеарна приказна, читателот следи патување на човек низ градови, векови и внатрешни состојби:
Троја. Рим. Константинопол. Амстердам. Париз. Мадрид. И, конечно тука, овде.
Книгата зборува за движење и припадност, за историјата што ја носиме во себе и за денешниот здив на градовите во кои живееме. Ликот станува мапа составена од сопствени доживувања, загуби и надежи, а јазикот на Димоски останува чист, точен и драмски концентриран, оној тип на проза што го повикува читателот да чита бавно, внимателно и повеќепати.

На промоцијата во UTOPIA Book Club публиката ќе има можност да го проследи разговорот со авторот во неформална, блиска атмосфера, да слушне читање на избрани фрагменти од романот и да се вклучи во отворената дискусија за темите на книгата и се разбира да ужива во книжевно дружење и писле промоцијата во духот на UTOPIA, каде литературата и градот се спојуваат во едно искуство.
