Битола гореше во име на прославата на навивачката група Чкембари. Во име на Чкембарската приказна.
Што би бил еден град без ентузијазам? Без енергија, без да го имаш тој фронтмен во душичката кој ќе ти рече уште еднаш гласно да запееш. Да вриснеш од срце во име на овој град и да посакаш знаејќи оти ќе те види и слушне светот. Таква е Битола. Знае дека е видена. Боемска, шарена, весела, отмена, а сепак бучна… Борбена, страсна, спортска. Битола обоена во зелена и бела боја.
И ние, битолчани, си го имаме тој ,,мал” круг на големи луѓе со кои можеби еднаш годишно се гледаш и го договараш тоа боемско ,,кафе”, но знаеш оти ќе биде сензација. Нашата боемска приказна овој пат беше обоена во бела и зелена боја, беше чкембарска, и ја гледавме од високо – од дронот на Наде Лозанче. Имено, на далеку се слушна за прославата на 40 годишнината на навивачката група Чкембари. Битола гореше во име на овие бои, а една уметничка душа, будно ја следеше оваа приказна и остави историја. Кафето нормално стана ,,гезве” шо викат битолчани, а мене уште ми одѕвонува гласот на Наде кој засведочи оти не сум само јас со истата констатација. Не има уште. И не ја даваме така лесно Битола:,, Го сакам овој град!” Погледнете ги видеата на Наде Лозанче на инстаграм или подолу во текстот кои ја доловуваат таа чкембарска сензација и атмосфера – и уживајте.