„ЗЕТ ЗА КРИСТИНА“ – МЛАДИНСКА СЦЕНА ШТО БЛЕСКА ОД ТАЛЕНТ

Со енергија која ја полни сцената, со жар кој допира до срцето, и со талент што го надминува нивното искуство — младите актери од Едукативниот центар „Едусфера“ оставија незаборавен впечаток на битолската културна сцена. Театарската претстава „Зет за Кристина“, изведена во рамките на БИТ ФЕСТ, беше повеќе од аматерска претстава — беше вистинска прослава на младинската креативност и театарски дух.

Публиката бараше место повеќе, а оние кои беа таму — аплаудираа, се смееја, а некои дури пуштија и солза. На сцената блеснаа млади луѓе кои не само што ја раскажаа приказната, туку ѝ вдахнаа живот — комично, искрено, длабоко.

Комедијата ги провлече темите на алчност, пребирливост и стереотипите кои сè уште живеат во нашето секојдневие.
Но, животната поука не изостана, ниту за Кристина, Тошо, Дона, Кристи, гатачката или за било кој друг лик од претставата, во кој секој би можел да се пронајде на одреден начин.

Зет за Кристина – не се најде, но сценската игра на овие млади таленти, потврди дека БИТ ФЕСТ го препознава квалитетот и овозможува поддршка токму на оние деца и младинци, кои истата искрено ја заслужуваат како поттик за понатамошен напредок. Како резултат на соработката со Центар за култура, претставата се одигра на Нова сцена, автор на текстот е Скендер Демоли, а Никола В. Ристевски направи извонредна драматуршка обработка која предизвика смеа до солзи.

Координатор на проектот е Ана Кузманоска, која неуморно работи, поттикнувајќи ја самодовербата и успешноста на младите луѓе:

„Пред 12 години и јас со младешки жар ја играв Дона, во комедијата „Зет за Кристина” на Бит Фест! И тоа за нас како средношколци беше огромно искуство и поттик да продолжиме со љубов да твориме во Битола.
Денес како наставник на овие златни деца со гордост и одговорно тврдам дека имаме талентирани младинци кои од срце работат, создаваат и ја сакаат Битола! Да ги поддржиме, да ги задржиме, ретки се!!!
БЛАГОДАРАМ БИТ ФЕСТ“, истакна Ана Кузманоска, пред почетокот на претставата.

Со бурен аплауз и враќање на бис, „Зет за Кристина“ заврши како што и започна — со срце, младешки пламен и љубов кон театарот.

[post_tags]