Мирот доаѓа после многу збогувања! – Колумна

Испи кафе… Утринско. Се будеше во 5 сабајле и знаеше така да се дотера, со испеглана кошула, убаво палто, кравата и парфем кој до крај го носеше. Така го имаше мирот. Го носеше како дрес код. Испи тутун, ко што велеше и седна до мене. Бев многу малечка и еј се уште го паметам муабетот. Дедо ми и неговата мудрост: „Никогаш не им го памети злобното на луѓето. Секогаш памети го доброто.“ И го запамтив. Го запамтив муабетот. Се прашував зошто ми вели така. Не ми изгледаше ко добар совет… И можеби затоа ми остана. Ми остана концептот и мисла што потајно секогаш вриеше и гладна беше да се истражи.

Пишува: Елена Трпковска Наумовски – Нена

мирот

Низ годините ги осеќаш сите тие емоции… Те повредуваат луѓе, себично ти го попречуваат патот. Мирот. Ти го даваат каменот на Сизив и без око да им трепне ти се смеат со убава чаша брендирано вино и горка насмевка што значи оти баш им е гајле. Низ животот го запознаваш и тој очаен копнеж за одмазда. Немојте да велите дека не сте размислувале околу тоа. И ајде да бидеме малку самоктирични. Сакаш да им се одмаздиш. Потоа не сакаш и го испитуваш тој процес на кармата. Ја чекаш. Веруваш во неа. И сакаш да се почувствуваат исто како и ти. Потоа се откажуваш од се, но веруваш дека еден ден ќе се почувствуваат исто како тебе, а ти нема да им направиш ништо. И како минуваат годините, го сфаќаш муабетот. Го сфатив муабетот на дедо ми. „Не им го памети злото, памети им го доброто. Колку и да те повредиле Нена.“

И ќе ги „начекаш“ повторно тие сите негативци од приказните на Дизни. Злобните кралици, лисицата, волкот, капетаните без една рака.. И ќе те сопнат, или ќе те кренат во облаци и потоа ќе те паднат до земја. И ќе мислиш дека ги љубиш и ќе ризикуваш се за таа љубов, страст, магија… Но, потоа ќе следат многу шокови. Многу намерни или ненамерни лаги, многу изненадувања, љубезни и многу нељубезни… Многу изненадувања, многу суетно или рамнодушно однесување кон твојата приказна. Но, ете ти го дедо ми и таа негова животна лекција. Верувај во убавото, и никогаш не им го памети лошото. И сфаќаш. Тие не се злобни. Тие не се негативци. Оти можеби и ти си негативец во нивната глава. Зошто постојано да се доживуваме како жртви?

мирот

„Јас имам договор со Бог“ знаеше да речи. И веруваше во живот после смртта, но додека беше тука, знаеше да живее. И пред последниот здив, пред да го вдише тоа мало парче воздух што на крај на човек му останува, неговиот договор заврши… Но, пред тоа, дедо ми касна динче. Оти така му се сакаше. Оти душата му бараше… Оти сакаше да го памети овој свет по убавото. Не по злото. Не по лошото. По мирот. Тој човек веруваше. И можеби не ја исполни желбата да лета на оние големи балони некаде под сонце во Кападокиа, но неговиот живот секогаш беше за восхит. Оти знаеше да лета. Оти знаеше… Да го памети доброто.

мирот

Така учете ги децата и така мислете им на сите оние кои рамнодушно ве повредиле без или едвај или намерно да знаат дека ве повредиле. Но, памтете им го доброто, простете им, простете си. А потоа спаковајте ги куферите и простете се и од минатото. Време е за нови почетоци. Речете збогум и благодарам. Нема ништо подобро од тоа да им посакаш се најдобро на тие епизодни, а толку големи улоги. Па ако вие сте биле дел од таа приказна, значи ви било убаво нели?

А кармата? Па тоа беше нивната карма, а вие сте биле негативецот. Не во нивната, туку во нечија приказна. Сега барајте го списокот и видете точно исто како некој сте го повредиле, како денес што (не)намерно ве повредуваат вам. Самокритично со насмевка научете ја лекцијата и памтете го убавото! Од цела вистинска или… лажна приказна… Од таа фантастична илузија што некогаш знае да те здрма во животот и да ти помогне! Памтете им го само убавото! И да, посакајте им среќа… Затоа што мирот доаѓа после многу збогувања. Понекогаш после збогувања со други, понекогаш после збогувања со себе или со мал дел од твојата душа.

[post_tags]