Едукативен Центар Едусфера продолжува да создава инспиративни можности – Учениците во посета на Салцбург

Од 11.02 до 15.02 се одржа проектот насловен „Die Grenzen meiner Sprache bedeuten die Grenzen meiner Welt“ – соработка помеѓу Едукативен Центар Едусфера и Mazedonischer Kulturverein Salzburg.

Имено на покана на Снежана Јосифоска – координатор на проекти за образование, шест ученици од Едукативниот Центар Едусфера под менторство на Ана Кузманоска (наставник по германски јазик ) отпатуваа за Салцбург, Австрија. Таму имаа можност автентично да ја доживеат австриската култура. Да го применуваат и употребуваат германскиот јазик… И создавајќи нови пријателства да се уверат дека границите на јазикот, се границите на светот.

Но, светот не познава граници кога учесници на ваков проект се вредни. Кога се умни и амбициозни ученици кои посветено го изучуваат германскиот јазик.

,,Сместени во фамилии во Салцбург, кај нивни врсници, нашите ученици си поминаа прекрасни пет дена кои веруваме дека долго ќе ги паметат. ” – велат од Edusfera.

За време на престојот на учениците, беше реализирана интересна и динамична програма. Истата имаше за цел да ги поттикне социјалните и јазичните компетенции на учениците.

,,Планираните предизвици во вид на ice-breakers направија уште првиот ден да имаме сплотена група. Група која со насмевка ги реализираше сите активности кои следеа.
Учениците го презентираа својот град од различни аспекти и преку заедничка работилница создадоа видео во кое зборуваа за разликите во животот на тинејџерите во Салцбург и Битола. А на крајот на патувањето напишаа и рап песна за доживувањата во Салцбург.” – со возбуда ни раскажаа од Едусфера.

Посетија прекрасни музеи… Уживаа во раскошната убавина на родниот град на Моцарт… Се вратија со прекрасни спомени, нови пријателства и доживувања кои долго ќе ни ја греат душата.

На крајот на проектот одлучивме, истиот да прерасне во традиција! Летово срдечно ги очекуваме нашите пријатели од Салцбург во Битола и се радуваме уште едно заедничко дружење.

Едукативен Центар Едусфера продолжува да создава инспиративни можности за своите ученици и да ги поддржува изучувајќи го германскиот јазик.

[post_tags]