…А што е театар?

театарот

Театар е слух за доброто, пост и поздрав за убавото.Театарот е ехо на уметноста, извик на душата, повик кон свесноста.

Театарот е благодет во секој ден. И во оној кога има сонце, и во оној кога „гори“. Театар е елеганција, посебен приказ на уметност. Театарот е моментум, има посебен дух, миризба, опиум. Оној кој еднаш влегол во нашиот театар, можеби до некаде ја разбира моќта, вистинската причина и она магично чувство на димензионалност и длабочина.

Тoa е волшебство уште од првиот миг кога само помислуваш на него.

Театарот, особено битолскиот, нашиот, конзулскиот, започнува уште од дома. Од мигот кога ќе слушнеш дека вечер во дваесет часот се одигрува твојата омилена претстава. Театарот се случува пред огледало, нурнува во плакарот по најдобрите алишта. Се гледа во урбаниот изглед, аристократскиот од и шармот на високите потпетици на дамите, и „палариите“ на мажите.

Театарот се случува уште во она „Добро вечер“ што си го велиш со познаниците надвор, кај репертоарот, пред фоајето. Театарот се случува уште од мигот кога ти ги отвараат вратите.

Тоа е специфичен мирис, кој мене лично ме потсеќа на детство, на љубов, на раката на вујко ми која ме носи по скалите до едно посебно небо, од кое до денес сум зависник.

Ме потсеќа на историја низ фотографиите на ѕидовите, дури чекориш по скалите. На восхит од актерите, на нивните костими кои живеат низ посебниот дизајн, експресии, на беспрекорен талент, етерични емоции, хипнотизирачки наратив кој само сакаш да трае…

Со возбуда го забележуваш она што било и едвај чекаш да го „конзумираш“ она актерско „ново“ што следи. И едвај чекаш да влезеш… И едвај чекаш од високо да ја видиш сцената. Твојата сцена. Нашата сцена. Да ја впиеш, да ја „гушнеш“.

Сцена покриена со дебела и тешка црвена и кадифена завеса. Таква беше. Таква не чекаше, таква не очекува. Токму таква ја паметам. Таква ја љубиме. Кадифето ја бакнува земјата и се влечка над штиците што живот значат дури во тотален емотивен „трип“ се чувствуваш како едно со светлото и звукот. А потоа… тие штици навистина почнуваат да зборуваат. Да брилираат. Останатото е емотивна приказна што секогаш сакаш одново да ја видиш, дишиш, зачуваш, да ја живееш!
Театарот има посебна миризба, нешто кое никаде на светот не знае така да флертува со умот.

РАЗБУДИ СЕ И ОДИ НА ТЕАТАР! Биди дел од оние овации кои непрекинато ракоплескаат кон актерите кои живеат во тоа име. Во име на театарот!

Интрига во изведбите, мистичност, среќа, восхит, тага, насмевка… Сѐ во едно! Завесата е спуштена, а секое тик -так значи дека сме сѐ поблиску до уште едно театарско искуство

Елена Трпковска Наумовски