Чуварот на скриената вечност, пастирот на оние што го загубиле патот е Свети Василиј Велики. Тој садел семе на милосрдие низ векoвите во почвата на осиромашените срца за да го пронајдат патот. Ги изгорел оковите на стравот откривајќи им на верниците дека вистинската сила лежи во љубовта и простувањето. Со секоја молитва, секоја љубезност и добрина, Свети Василиј им влевал вера на следбениците – секоја тешкотија е само почеток на ново духовно воздигнување.
Чуварот на скриената вечност, секој четиринаесетти јануари од летото господово, ја открива вечноста за да не потсети на тие – вечни вредности кои нè одржуваат. Неговата мисија, мудрост и љубов дури од четвртиот век, оставија неизбришлива трага врз нас и во новиот милениум.
Мислата што тече како стих, подолу, е наш скромен дар за неговото сеќавање.
Неговото срце е храм без граници,
мост помеѓу светот што умира
и оној што воскреснува во вечноста.
Перо на вистината, испишана во злато,
го слави големото срце кон мудроста.
Таму е Василиј –
Со збор како остар меч и душа како нежна харфа.
Неговата мантра: љубовта е вечна,
поголема од светот што го гледаме,
посветла од ѕвездите што ги броиме.
Ги подига душите како утринска магла
што се губи пред зората.
Не ја носи тешката круна на кралевите
туку венецот на смиреноста.
Овие стихови нека бидат инспирација за чистота во мислите и добрина во делата. Денес го славиме неговиот спомен! Со паричката што ќе ја пронајдеме во мазникот го носиме неговиот дух. Наследството што го остави Свети Василиј Велики нека биде големиот фенер за секоја душа што бара светлина на патот кон вечноста.
Вашиот глас
„Како го доживувате вие овој празник? Споделет во коментарите и вашиот глас нека стане дел од оваа празнична атмосфера.“
пишува: Ромина Марковска