Во југото на Мими се повози и една дигитална хармоника: Дарко Кулевски – младиот виртуоз со посебен музички потпис

Тежок е патот до успехот, а богами тежок е патот и низ улиците со југото на Мими. И од ко едвај стигна и се снајде со google maps, Мими конечно ја започна емисијата со новиот гостин Дарко Кулевски. Дарко е талентиран дечко, млад музичар и амбициозен млад лик. Имено, Кулевски свири хармоника, а неговата љубов кон музиката се родила уште кога бил многу малечок.

„Најпрво бев играорец“, рече Дарко во југото на Мими… A подоцна откако за прв пат го видел неговиот чичко како свири на хармоника, веднаш се вљубил во идејата да стани виртуоз на овој инструмент. И богами станува.

Секако, се што се следи е голем труд, амбиција и силно верување дека соништата се исполнуваат. Завршува музичко средно во Битола, а сега веќе и студира во таа насока во Скопје. Животот на Дарко е исполнет со музика. Со бројни настапи, изведби, концерти, учество на промоции, турнеи и добиени први награди низ Македонија и пошироко.

Она што е интересно и што нам ни “фати око“ од муабетот, е дека Дарко сега свири на дигитална хармоника. Тоа е најновата иновација во светот на инструментите… Допрва треба да се усовршува, а како и секој млад човек, и Дарко стреми да биде во чекор со светскиот тренд. Меѓу другото она што го „скивнавме“ од муабетот на Мими и Дарко, е дека хармониката е многу скап инструмент. Цената е многу голема, а за студентите и музичарите е неизбежна и многу потребна. Токму ова ние би го искористиле како апел кон поддршка на младите таленти и музички имиња кои треба да ги чуе светот. Па ако сакаме да ја чујат македонската музика, песна, традиција, талентот, несомнено треба да се вложиме кон нивно бодрење.

Погледнете го видеото и разговорот погоре во текстот. Потоа и уживајте во прекрасната серенада чија композиција е потпишана од Мими Марковски, а овој пат во југото на дигитална хармоника ја исвири Дарко Кулевски.