Само за апетиетлиите на уметноста, а и за оние кои сакаат да го дознаат овој поинаков универзум кој дише во нашиот град.
Од денес – 22 јуни, започнува ново уметничко доживување. Со цел да се задоволат апетитите на театарџиите, љубителите на музиката и уметноста воопшто, во Битола започнуваат креативни проекти насловени како „На Театар па олабај“!
Мотивирајќи ја публиката комплетно и во целост да ја конзумира фестивалската уметност, оваа идеја се задржува на целта да ги промовира програмите на меѓународните фестивали во Битола.
„Во оваа слика воспоставуваме двострана нераскинлива врска помеѓу меѓународните фестивали во Битола и жителите во локалната заедница. „Олабај“ создава простори исполнети со содржини кои се резултат на нашата заложба да создаваме заедници кои поттикнуваат синергија помеѓу различните, помеѓу раздвоените по возраст, род, пол, област на интерес… “ – велат организаторите.
Сé започнува со со програмата „На музика па Олабај“ која е креирана за Меѓународниот младински арт фестивал „Битола отворен град“ и продолжува со програмата „На театар па Олабај“ која е креирана за „Битола Шекспир Фестивал“.
Дел од овие програми се Уметничката работилница: „Треба да ги затвориш очите – инаку нема да видиш ништо.“, „АrtHunt“ – Современи уметничи интервенции, „Ништо ново под сонцето“ и „Празната чинија одекнува најгласно“ – музички концертни надополнувања и џем сешн.
„Овие два пакети одекнуваат со пулсот на слободата за експеримент, наметнувајќи се како нужно надополнување на културните пулсирања во градот. Програмата ги балансира уметничките елементи кои имаат смисла и оние кои немаат, со ефектот на противречност, двосмисленост наспроти логиката и разумот.“ – стои во објаснувањето.
„Олабај“ е програма која ќе се реалзира во текот на целата година. Проектот го реализира Здружение на граѓани за поинакво делување АРТАКТ Битола со поддршка на Министерство за култура на Република Северна Македонијa.