Не летај побргу од твојот ангел чувар!

Зошто брзаме, зошто избрзуваме, зошто ја уништуваме шансата од брзоплетост? Како се станува мудрец? Има ли млад мудрец? …Не летај побргу од твојот ангел чувар!

Изреката „Не летај побргу од твојот ангел чувар!“ ја има скоро во сите култури, но, како најзапаметена е од мудростите на Мајка Тереза.

Се употребува многу често за порака во сообраќајот, малку модификувана: „Не вози побргу од твојот ангел чувар!“. И пораката е јасна. Возењето со голема брзина е високо ризично по живот. Тогаш е многу едноставно да се примени во секое животно поле, како предупредување за секакво избрзување, од кое ама баш никој нема позитивен исход, напротив брзањето најчесто се споменува во негативна конотација. Нема човек кој не ја знае македонската „брза кучка- слепи кучиња раѓа“.

Споменав дека секој млад човек треба да биде помогнат од околината, од сите нас кои сме поискусни и постари да создаде внатрешен сопствен инженеринг на сопствената личност и да гради ставови, за што е потребно време и ситуации.

Кога една приказна или сторија започнува со „Беше еден мудрец“- тој секогаш е поврзан со „најстариот во селото…“. Која е логиката да се поврзе најстариот со мудроста? Дали сме се запрашале и кои останати карактеристики го следат мудрецот, односно старецот? Нели се тоа смиреност, забавеност, момент на исчекување на пораката, односно мудроста… Или советот кој мудрецот (старецот) ја дава кога е запрашан за некое решение.

ангел

Констатацијата дека на секој одговор, план, желба и претходи смиреност, размислување, констатација, и дури потоа одговор, во никој случај не споменува брзање или брзоплетост.

Од друга страна кога ќе се спомене “брзи и бесни“- што ни паѓа на памет. Скоро секој од нас замислува група на млади дечки и девојки, кои се во забава, во ризични ситуации со возила или алкохол, на група која само што не направила штета или не направила штета на некој друг. Значи ли тоа дека кога е човек млад и неискусен, неговата нарав е исполнета со бура на емоции… Желби, брзање да стигне што поскоро некаде, до некоја цел, а при тоа дури и не размислувајќи.

Мудреците зоруваат, секоја религија е поврзана со поуките на Оној кој проповеда. И сите проповедаат преку приказни преку примери, параболи, за човек сам да дојде до својот заклучок. Од друга страна речено е дека е погрешно да се мешаме во судбината на другиот. Тогаш кој е начинот да се помогне?

Уште и ако споменам дека христијанската порака која гласи: „кој не си го воспитува синот, значи не си го сака“, е повеќе од јасна, констатацијата е дека синовите и ќерките, кои се секако сите наши деца, или нашата иднина, младоста кој го носи новото време, треба да биде поддржана, советувана и да и се помогне по патот на освестувањето.

Како да се научи едно младо пиле да лета, а при тоа да не се себе повреди? Или да лета, а при тоа да не го изедат дивите мачки или зверки? Ете токму тоа е моментот кој скоро сите ние го пропуштаме. Бараме од младиот човек да се наполни со знаење, да стане сериозен, да стане одговорен, бараме и судиме на секој негов погрешен чекор, не превземајќи ја одговорноста што не сме го научиле да лета и да се сочува летајќи, а при тоа да знае и со која брзина ќе се залетува и каде ќе слетува. Не летај побргу од твојот ангел чувар!

Даме е прекрасен дечко, полн со желба да се докаже. Реши да организира настан во паркот на кој треба да се обезбедат пијалоци, штандови… Да се пријави настанот во општината во полиција, да се добијат дозволи, да се обезбедат бендови, и сето тоа на крај да заврши среќно, и со некоја заработувачка. Мислеше дека сѐ е можно, се додека оние кои очекуваа од него да ја плати сметката не побараа тој се да плати. На момент спомена со неговиот поголем брат што сака да организира. Братот му одговори:

„Какво е тоа партнерство, кога само ти плаќаш, а сите заработуваат? Зошто не се договориш секој да учествува подеднакво, и да се плаќа на потрошено, дали е пијалок или храна?“ Даме свати дека неговата заносна среќа и желба за успех беа еден добар трик, и неговата брзоплетост доколку не го послуша постариот брат, само ќе го внесе во долгови, а не во успешен крај со заработувачка. Пораката беше јасна, требаше време, знаење, добра организација и чесен тим, а тоа не беше случај. Желбата испари како балон сапуница кој едноставно се распрсна пред вистината.

Ана сакаше многу да зборува, и многу често и излетуваа работи кои вообичаено треба да останат тајна, беа толку приватни, нечии тајни… А Ана брзајќи да раскаже, немаше мерка што треба, а што не треба да се каже. Влегува во конфликт, а и почнаа да ја одбегнуваат најверните другарки.

Брзањето и непромисленоста не водат кон позитивни исходи, многу едноставна техника е пред да се даде одговор на било што да се земе малку време за себе. Не мора веднаш да се изреагира, да се каже или одлучи. Може да се размисли и да се одговри со: „Дајте ми малку време да размислам“, што секогаш е добар одговор. И вистински да размислиме кој ќе биде вистинскиот потег или одговор.

Нели е прекрасно да се лета? Но, додека летаме да ги уживаме моментите, ветерот, сонцето, па дури и дождот. Тогаш ајде да летаме, но не побргу од нашиот ангел чувар !

Пишува за „razbudi se“ : Клаудија Лутовска