„Другарството пред сѐ е многу повеќе од една обична утакмица…Тоа не одржува. Затоа опстојуваме.“ ФК Јени Маале стана урбана приказна. Од мала визија што започна да се креира од 2009година, овој фудбалски клуб пишува историја. И малку понастрана од пофалбите, херојските подвизи или бројните пехари и првенства, оваа екипа крие уште нешто „зад завесата“. Нешто кое верувамe дека многумина од нас го имаат заборавено, етикетирано како невредно и запоставено. Пријателство е терминот кој е релевантен за сите успеси.
Нескромно, (затоа што сите од клубот ФК Јени Маале ни се пријатели), амa зборуваме за она што се случува откако таа нивна обоена „зелена“ завеса знае да се подигне. Не е само она познатото „Гинење на терен“. Не е само стратегијата за да бидеме најдобри. Всушност, нивната приказна, лично ме инспирира. Сум била во екипа, сум работела во тим и знам како е да се пулсира во едно. И не е тешко…Не е, само ако се сака. Но, што е она што треба да се сака? Она што се работи или можеби нешто друго?
До пред некое време, мислев дека треба да се сака само тој врвот, но веројатно грешам. После „студиозни“ анализи околу темата „тим“, „екипа“, „лидерство“, низ очите на овој клуб, доаѓам до друга поента. Она што се случува внатре во „домот“, тоа го рефлектираш и надвор. Ако постои љубов како посебна етикета меѓу членовите внатре во приказната, успехот е неминовен. Ако има љубов внатре во тоа „цело“, тогаш дури и неуспехот знае да се гледа како успех.
Често кога правевме претстава, на проби знаевме да поентираме: „ Не е чиста. Не е стегнато дејствието…“. ФК Јени Маале е пример за тоа што значи јасна визија и чисти листови над кои и понатаму се пишува историја. И низ симболиката на нивниот заштитен знак, којотот, клубот јасно ја пренесува пораката.
„Којотот е симбол на истрајност, издржливост, инает, лојалност и животно кое не се откажало од својата цел.“ Епа…На далеку познат тој… Јенимаалски инает!
Ова е поинаков текст кој зборува за спортски клуб. Eмотивен апел кон сите оние кои се бараат, кои сакаат, кои не можат и не знаат како. Ова е вест што ја соопштува тајната за успехот. А нивниот успех зборува за една урбана приказна што пулсира во име на еден збор „Пријателство“.
На идејата за ФК Јени Маале, „Razbudi se“, гласно се приклучува како интернет портал, а тука би ги спомнале и РЕПРИМ, компанија што несебично и континуирано ја дава својата поддршка за овие наши мали, а сепак толку големи приказни! И освен на ФК Јенимаале, бидејќи ја имаме истата визија, РЕПРИМ ја поддржува и препозна и нашата идеја. Идејата на „Разбуди се“.
Автентичната идеја и приказната за фудбалскиот клуб, ја поддржаа и Форматика, Интер инвест груп, „Вила Виста“, Македон, Горан Лукач, Николче Симоновски- Јошка, Менде Фидановски.
И за оваа спортска приказна да биде конечно овековечена, секако ѝ треба и песна, химна. Инспирирани од тоа, Валентин Соклевски напиша текст за химната на Јени Маале, а музиката и аранжманот се на Никола Мицевски. Химната за клубот, ќе биде испеана од Ламбе Алабаковски на Гала Вечерта што ќе се одржи во петок на 14ти Јуни.
Прославата именувана како „Бесконечност“ е во име на спортскиот дух, на пријателството и успехот! Од тимот, посебно се заблагодаруваат на оние кои ја поддржуваат нивната визија и на оние кои на било каков начин помагаат во реализација на идејата.
Сите убави приказни започнуваат со љубов – ФК Јени Маале урбана битолска приказна што доаѓа од срцето на градот! Што пулсира во едно од најстарата населба во Битола – Од Јени Маале.
Пишува: Елена Трпковска Наумовски