ЉУБОВ И ИДЕНТИТЕТ – Одаја на автентичност – Колумна на Ромина Марковска

Љубов и идентитет е топ тема на сите времиња. Љубовта како симбол на емоционалната интимност и социјална врска, идентитетот како отпечаток на индивидуалноста.

Од моментот на зачнување го бараме значењето и допирот со другите срца за да го истражиме горивото на животот. И за да го отвориме вистинското есенцијално лице преку интензивни интеракции и значење на другите. Најверојатно во утробата на мајката започнува нашето патување по патеката на љубовта и тој идентитет. За нив знаеме откако знаеме за себе.

Љубовта и идентитетот како универзални концепти го определуваат начинот на кој ја доживуваме реалноста

Искуствено – од еуфорија на вљубеност до мрачни моменти на раскинување! Секој љубовен чекор го обликува нашиот идентитет. Преку доживување на социјални врски ги градиме сопствените сили и вредности, стапка по стапка.

идентитет

Според Хари Франкфурт, американски филозоф (29 мај1929 -16 јули -2023година), врските за кои се грижиме се од суштинско значење за формирањето на нашиот идентитет. Во неговиот есеј „Важноста на она за што се грижиме“, тој образложил  дека кога сме вклучени во врските, секој од нас се преобразува од  „јас“ во „ние“. Во истиот контекст, љубовта и меѓусебната грижа го формираат идентитетот, единствено преку конекција со другиот/а/те.

Еволуцијата на концептите за љубов и идентитет низ планетарната, земска поставеност, намерно не навраќа во времето на Емили Бронте за да направиме споредба со она што е присутно денес. Овие концепти во „Оркански висови“ се литерираат во една романтична атмосфера со фокус на интимните и емотивните аспекти, преку односот меѓу Хитклиф и Кати. Бронте ги истражува дуалните аспекти на љубовта со акцент на тоа како таа може да ги формира идентитетите на ликовите во контекстот на социјалните норми на тој период. Истиот, временски е оддалечен точно 177 години од денешниот.  

Сепак, во овој момент на современоста, социјалните медиуми и дигиталната интерконекција потполно ја менуваат динамиката. Отвораат сосема нови можности и предизвици. Денес, вредностите се подложни на флуктуации, но исто така добиваат поголема слобода и влијание. Вредностите стануваат посоодветни на индивидуалните потреби и убедувања.

Во виртуелниот свет, љубовта и идентитетот даваат простор за автентично искуство без оглед на контекстот и технологијата. Идентитетот и љубовта и понатаму опстојуваат како најсилни аспекти на егзистенција Од едноставен допир на срцата до високо апстрактно рамислување за самата егзистенција.

И токму вака, Љубовта и Идентитетот се теми што ја воздигнуваат душата. Единствени и уникатни, овозможуваат оригинално искуство. Во секој миг тие се присутни. Чекор по чекор го обликуваат нашиот пат кон самопроценка, интроспекција и филозовско размислување за да ја дозбогатиме нивната големина на вредност.

За крај, едно последно размислување: Каде, според вас е лоцирана душата на љубовта и идентитетот? Во свеста на автентичноста на секој еден индивидуум или можеби, таму каде што се спојуваат срцето и умот на колективната свест?

идентитет

Пишува: Ромина Марковска