Кога уметноста се живее реално и е манифестација на сето она што ни недостасува. На она што ни треба… Кога таа е олицетворение на пулсот, енергијата, и чукање на срцето, се креираат најдобрите идеи. Токму така се роди идејата за настанот именуван како „Креативен ден“. …Кога модата станува дијалог за промена!
ИМЕНО ЗАД БРИЛИЈАНТНАТА ИДЕЈА И ПРОЕКТОТ, СЕ ПОТПИШУВААТ ПРОФЕСОРКИТЕ АНИТА СТЕФАНОВСКА, ЕМА ЌУКА И ЖИВКА ТАНУШЕВА ИЦАНОСКА ОД ТЕКСТИЛНАТА СТРУКА ВО СОУ „ТАКИ ДАСКАЛО” БИТОЛА И ВЕСНА БОЖИЛОВИЌ ОД ПРОДУКЦИЈАТА „БОЖИЛОВИЌ”. Нивната автентична идеја поттикнува враќање на довербата и имиџот на стручните училишта. Настанот, поврзан со модата е линк помеѓу образованието и бизнис секторот. ,,Perwoll Renew”, со задоволство се приклучи на идејата. Веднаш потоа и други брендови го поддржаа овој уникатен проект. Модни дизајнери заедно со учениците, младите, креираат. А потоа познати и успешни дами имаат уникатно задоволство да ги носат нивните модели. Овој пат темата е цвет, а нивните замисли за тоа како ќе изгледа креацијата, навистина не фасцинираа.
Пред некој ден бевме на уште еден разговор со еден од тимовите. Од она што ни го траскажа овој тим и од нивните замисли за понатамошната креација и модел и од скиците за тоа како ќе изгледа модното финале, со воодушевување би нагласиле дека станува збор за оркестрација на уметничко раскажување низ текстил.
Која порака ја носи „Креативен ден“? – ја запрашавме Мирјана Дамјановска, модниот дизајнер. – Ќе ни откриете ли како ја креирате оваа приказна?
Јас како млада креативна особа сум немала ничија помош во процесот на развивање на мојата кариера. Идол ми беше мојата мајка, која ме научи на основите на шиење и кроење. Понатамошниот процес на моето развивање и дизајнирање, мојот пат до успехот си го изодив сама. Точно знам колку е тешко и во кои фази треба помош, затоа сакав со дел од мене да помогнам на овие млади и креативни луѓе. Од таа мисла и мое несебично вложување во овој проект започна нашата неколку годишна соработка.
Оваа година имам прекрасен тим со кој добро соработуваме, разменуваме идеи… Секој член си го изразува своето мислење и се надевам на крајот од овој пат ќе произлезе прекрасна креација.
На нашето прашање дали е тешко да си дел од модната индустрија, оваа амбициозна дама со неверојатна смиреност, позитивна енергија и конкретна визија, ни одговори:
Секоја работа си има своја тежина, модната индустрија е нешто што се развива и многу брзо се менува. Модата знае да се враќа од минатото, треба да се следат стари трендови, нови, да вложуваш дел од себе во секоја колекција, да носи печат на тоа што е тренди и тоа што е твој личен стил и претпознатливост на секој креатор.
Од друга страна треба добро да се процени телото на личноста за која се изработува креацијата и без разлика на моменталните трендови да се изработи крој со кој ќе се издвои женственоста на таа жена, девојка . Во секој случај бара многу вложување, многу пратење на секој аспект од модерното живеење, но ако го работиш со задоволство, тоа ќе стане секојдневие и нешто што те исполнува.
Разговорот ни течеше непрекинато и брзоплето се надоврзувавме, а помеѓу многуте наши прашања, Мирјана одговори на нашата љубопитност: Што значи овој настан за младите и како би го поврзале со општествената свест?
Овој настан значи многу за сите генерации во нашиот град. Посебно за Битола која е позната по модата. Битолчанки како жени се познати по тоа што ги следат модните трендови. Секоја година „Креативен ден“ е сѐ повеќе посетен, од девојки и жени желни за мода и убавина, а пред се со хуманитарна цел. За младите ова е можност да го научат процесот на создавање на едно парче облека од идеја нацртана на хартија до нослива креација.
Исто така овој настан е едно големо искуство од кое ќе научат дека треба несебично да помагаат на другите и да си го следат сонот, да го работат тоа што го сакаат.
Разговорот го продолживме и со Сузана Рома, дамата што ќе ја носи креацијата. Инспиративна дама, што ни ја разбуди креативноста за можеби малку поинакво прашање.
„Дајте му ги на жена вистинските чевли и таа ќе го освои светот.“– Мерлин Монро. Има ли вистина во ова и како би го поврзале со вашата перцепција кон модниот свет?
Иако можеби звучи како едноставен цитат поврзан со модата, има подлабоко значење што се однесува на чевлите. Во контекст на модата, чевлите не се само функционални предмети за заштита на нашите стапала. Тие се исто така моќен аксесоар, симбол на стил, самодоверба и самоизразување. Вистинскиот пар на чевли може да го подобри држењето на жената, да ја зајакне нејзината самодоверба, да го комплетира нејзиниот изгед правејќи да се чувствува моќно и подготвена да се соочи со светот.
РАЗБУДИ СЕ: Имате ли посебни правила кои ги почитувате кога станува збор за облеката кон одредени настани? Апро по, колку креативноста би се изгубила доколку мора да се следи некој класичен „дрес код“?
Да имам некои одредени правила кога станува збор за дрес код за одредени настани. Сепак, верувам дека креативноста не треба да се задушува со некои строги кодекси на облекување. Иако од суштинско значење е да се почитува кодексот на облекување на настан, сепак имам довоно простор за лично изразување и креативност во тие граници.
Секогаш се придржувам за внесување на мојот личен стил… На крајот на краиштата, модата е самоизразување и чувство на самодоверба во тоа што го носиме, без оглед на наметнати кодекси на облекување.
РАЗБУДИ СЕ: Што значи за Вас да сте дел од „Креативен ден“?
„Креативен ден“ е потсетник за важноста на имагинативноста, иновативноста и самоизразувањето во нашите животи. Време поминато во создавање на нови идеи. На поврзаност помеѓу колегите младите ученички. Настанот е иницијатива да се најде инспирација во заедничка желба за иновации и самоизразување.
Како нешто што во својот фокус ги акцентира младите, нашиот разговор го продолживме и со Ангела Нечовска. Ученичка во СОУ „Таки Даскало“ – Битола и дел од тимот.
РАЗБУДИ СЕ: Која е твојата амбиција? Те исполнува ли самиот процес на работа и учење во однос на текстилната насока?
Мојата амбиција е во блиска иднина е да се усовршувам во областа на модниот дизајн. Да го надополнувам моето знаење со учество на работилници, семинари и други форми на стекнување теоретско и практично искуство. Во текстилната насока во нашето училиште СОУ,,ТАКИ ДАСКАЛО” има професори кои се стручни, професионални, искусни во својата работа и несебично ни го пренесуваат сето знаење и не воведуваат во тајните на модниот дизајн. Процесот на работа е интересен и автентичен. Не поттикнува на креативност и постојано барање на нови идеи и редизајн на веќе постоечките.
За крај, Ангела го сподели апеот кој го носи овој настан кон пошироата публика и своите врсници!
Настанот ,,Креативен ден”-претставува уникатна можност да се спојат лoкалните бизниси со нас како едни носители во модната индустрија. Можност во која можеме да ги искажеме нашите идеи и поддршка од сите оние кои ни помагаат да го направиме она што сме го замислиле. Мојот апел до моите врсници би бил да не се откажуваат од својот сон и тогаш кога е најтешко.Постојано да сме во потрага по начини со кои би оставиле печат во еден свет како модниот. Бескрајно волшебен, интересен и во постојано движење.