Што се случува кога модата е полигон за промоција на уметници, младите таленти и нивното делување? Токму тогаш, се креира вистинска сензација. Зборуваме за настанот „Креативен ден“. Проект на професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушева Ицаноска од текстилната струка во СОУ „Таки Даскало” Битола и Весна Божиловиќ од продукцијата „Божиловиќ”.
Со првична цел и замисла да се врати довербата кон стручните училишта и подобрување на имиџот, организаторите дојдоа до навистина брилијантна идеја. Идеја што од своја страна претставува и линк помеѓу образованието и бизнис секторот. Идејата ја препознаа и ,,Perwoll Renew”, а на истата се приклучија и други брендови што се приклучија кон апелот. За потсетување, модни дизајнери заедно со учениците, младите, креираат. А потоа познати и успешни дами имаат уникатно задоволство да ги носат нивните модели.
Имено разговараме со еден од тимовите. МАЈА АНДРЕЕВСКА моден дизајнер, ученичката Мелинда Ајдиновска и дамата што ќе ја носи нивната креација Соња Кондовски.
…И откако го испивме кафето во Бела Куќа Хотел Бистро, со девојките поразговаравме околу тоа како тие гледаат на оваа автентична приказна. Низ насмевки и комплетно позитивна, убава и шармантна енергија, тие ни одговорија на нашите прашања околу подготовките и ја задоволија нашата љубопитност за тоа што се крие зад „завесата“.
А штом сме кај апетитите кон модата, со Андреевска, поразговаравме околу трендовите. Kолку модната сцена се менува и колку е тешко да се биде во чекор со неа. Што значи да градиш професија која е дел од модниот универзум и... Каква е пораката што настанот ја пренесува во контекстот…
,,Мислам дека заинтересираноста околу оваа професија станува сѐ повеќе актуелна… – вели Маја – Сѐ повеќе навлегуваме во нови модни трендови кои навистина од ден на ден ги има сѐ повеќе и повеќе. Доста е тешко да ги следиме сите нови модни парчиња, но се трудиме се повеќе да бидеме модерни и уникатни во целата работа и тоа им го посакуваме и на младите. Да бидат сѐ повеќе свои и секогаш да изгледаат модернo. “
Разбуди се: Дали ова е сеуште град на битолските чупиња кои во поглед на модната култура, ги споредуваат со парижанките и што се случува со другите места во Македонија?
-Сметам дека Битола отсекогаш била градот на модата. Нашите битолчанки знаат добро да се облекуваат и секогаш изгледаат ексклузивно. Тоа мислам дека секогаш ќе биде така. Што се однесува на другите градови, секако дека има девојки со совршен моден стил. Лично имам совршена соработка штом станува збор за креирање на модни парчиња. Жените кај нас, знаат да остават посебен печат и кога е во прашање модата, тие секогаш се оригинални.
И тука некаде низ голтките превкусно кафе, започнавме разговор со една успешна, елегантна, брилијантна дама. Со посебен фокус кон она што се нарекува урбано и скромно, моќно и сепак толку емпатично и искрено, Соња Кондовски ни откри дел од нејзината приказна.
Соња на што се должи успехот? Дали можеби овде игра улога и модниот стил? Можеме ли да направиме т.н. симбиоза на овие две „приказни“?
-Успехот е резултат на многу труд, работа, себеспознавање и себеоткажување. Успехот е неминовен доколку една личност поседува одговорност, принципи, упорност и пред сѐ почит кон другите и она што тие го претставуваат. Сечиј успех е возможен, доколку полека се издигнува од љубовта за она што го правиме и цврстата волја истото тоа да го истераме до крај. Стилот пак, од своја страна, додава дополнителен шарм на цел тој пат до успехот, но секако не е пресуден.
…А во врска со модниот настан „Креативен ден“, дамата заклучи:
-Првите пет минути од првата средба со г-ѓа Весна Божиловиќ, беа пресудни за да ја разберам големината на овој настан. Промоција на текстилната насока при СОУ „Таки Даскало”, промоција на можностите кои се нудат таму, вреднување на трудот и креативноста на учениците и сите вклучени во процесот, како и промоција на нашата убава Битола, се еден мал дел од мозаикот наречен „Креативен ден“. Среќна сум што сум дел од истиот и што можам на свој начин да допринесам за остварување на целта на настанот.
И задоволството не би било целосно доколку не почувствувавме младешката шармантна енергија од Мелинда Ајдиновска. Со посебен ентузијазам, верување и амбициозен пристап, ученичката од овој тим, посочи што можат да научат младите од овој настан.
„Креативен ден“ става посебен акцент на нас младите. Ние, новите генерации, со овој настан имаме можност да научиме да си ја поттикнеме својата креативност и на свој начин да се препознаваме себе си во модата и стилот.
Мелинда што значи да си ученик во текстилната насока во СОУ Таки Даскало Битола?
Ученик сум во текстилна насока со желба и цел да научам, но и да ги поттикнам соништата. Од тука, да верувам уште повеќе. Да остварувам свои креации и секако да го остварам својот сон кој се разбира дека не застанува тука.
Тука сум со цел да ги охрабрам тие што мислат дека не можат и не се сигурни во себе. Моето мислење во овој контекст, е дека секој се изразува на свој начин, секој има своја приказна и перцепција.
Креативен ден е потсетување и апел кон младите да се посветат кон себеоткривање, себе експонирање и развој на креативноста со гордо претставување.
Така го завршивме нашето кафе. Имавме чувство дека спојуваме уметност и мода, би рекле, инкапсулирана во урбаните младешки емоции.
„Креативен ден“ е модна приказна што во себе носи урбан одраз на општествениот етос. Приказна што ќе се случи на 1ви Јуни во Офицерски дом. Сабота – 20 часот.