За Денот на жената се случува „јуриш“ низ продавниците. Се пребарува низ сталажите со чоколади и картички за честитка со кои ќе се изрази љубов. Ќе се изрази благодарност и почит кон жената. Но, вие барате нешто повеќе -идеја што ќе го воодушеви вашиот примател.
Замислете го следното: вашата најдобра пријателка, вашата мајка, сопруга, за денот на жената, очекуваат уште една книга, парфем или букет цвеќе! Но, вие одлучувате да ги изненадите со нешто што немаат ни малку на ум.
Што би рекле за подароци кои не се класични?
Организирајте пријава на некој тематски курс. Или пак работилница која одговара на интересите на вашите пријателки или членови на понежниот дел од фамилијата. На пример тоа може да биде курс за готвење на специфична (турска, италијанска, јапонска) кујна. Може да биде и фотографски курс. Се разбира ако ви дозволува буџетот.
И ако вашиот џеб е доволно длабок и жената е вашата сопруга, организирајте нешто како „туристички водич само за неа“. Во некој друг град, за неа непознат.
Или пак, организирајте скокање со параглајдер како подарок за неа, доколку отсекогаш таа сакала да го искуси овој адреналин. Може подарокот да биде и кампување во преубава и непозната природна област.
Ќе ви предложам и нешто сосема поразлично и нешто што можеби никогаш не би го замислиле како личен подарок: он-лајн сесија како конкретна консултација. Искористете он-лајн платформа која нуди услуги за консултации преку видео -повик или чет. Вие најдобро знаете што би можело да биде најинтересна консултација и дополнителна едукација за вашиот примател на овој невообичаен подарок. Овде, најважно е да го обмислите тајмингот кој би се совпаднал со времето и просторот на денот на жената. И секако да знаете дека неа би ѝ се допаднал поадарокот… ок, веројатно би била можеби некој рабохолик…
Што би рекле за подарување на натална карта?! За подарување на натална карта може да најдете веб-страници или астролози кои ја нудат оваа услуга. Можете да изберете да направите нарачка онлајн, каде ќе бидете побарани да обезбедите точни податоци за раѓање на лицето за кое се изработува картата. Потоа ќе ви биде испратена натална карта во дигитален формат или на хартија во зависност од вашето побарување. Ова може да биде одличен подарок за некој што сака да ги истражи своите лични квалитети и потенцијали. Кога сме кај астрологијата, можете да подарите и енциклопедија за астрологијата, што би било одличен ресурс да се разбере нејзината основа доколку личноста која добива ваков подарок е исклучително заинтересирана за оваа тема.
И тоа не сѐ. Идеите за подароци, течат како вода од чешма. Вие само инспирирајте се. Организирајте и егзотична вечера во некој друг град, ако имате подлабок џеб. Или пак посета на музеј или уметничка галерија. На ова сигурно се сетивте, ама вреди да се потсетиме.
Ако вие сте посилниот пол и сакате да ја изненадите својата сакана, со свои раце создадете егзотична вечера во вашата комфор-зона на денот на жената.
Додека пак ако сте жена и сакате да ја изненадите пријателката, соседката, мајката и во било кое друго својство, направете нешто автентично. Ако имате вештини во плетење, исплетете мрежа од коноп како обвивка на саксија за цвеќе и истата наполнете ја со листови од зелена вуница. Плетивото може да има и форма на срце како дополнителен украс во кујната или пак исплетете шарена „фаќалка за жешко тавче“ која има и практичен ефект. Можете да направите и своерачна, интересна слика за ѕид со елементи и ресурси по ваш вкус. Препуштете му се на имагинацијата. И ако сте умешни во правење кошнички, исплетете ги и наполнете ги со колачите на вашиот личен потпис и печат. Може и да извезете престилка со графички приказ на оригинална порака. Може! Сѐ се може со љубов.
И за нејзината вообичаена рутина и убавина, нешто што оди надвор од секојдневието: ваучер за спа-центар, закажување термин во фризерски салон и мала „шопинг екскурзија.“
Како и да е, ако овие идеи не е возможно да се реализираат од било која причина, сосема е доволно да подарите еден убав каранфил, една мала книга со интересна приказна, широка насмевка и голема благодарност и честитки за жената, мајка, кралица. Во крајна линија, доволна е една силна прегратка на денот на жената.
пишува Ромина Марковска