И после толку соработки, дружби и разговори, конечно стигнавме до мигот да направиме интервју. Станува збор за личноста која стои зад завесата, зад камерата. Личност која неуморно работи, ја обожува својата професија и континуирано ги следи светските трендови. Секогаш е дел од креацијата на најпопуларните видеа кои и денес се актуелни на социјалните мрежи. Човек секогаш отворен за соработка, хуман гест и неуморен кариерист. Александар Котевски „на чат“ со Razbudise.mk. Зборуваме за фотографијата, камерата, уметноста…
Александар: Здраво на сите ваши читатели, фала ви за одвоеното време и простор… Иако секогаш ми е тешко да зборувам сам за себе, ќе пробам да одговорам на прашањата… Само си немаме со тешки.. хехе
Разбуди се: Александар ајде врати не назад… Кој беше твојот прв контакт со фотоапаратот и камерата? Желба, порив или случајност?
Александар: Се сеќавам , првиот контакт со „сериозна” камера го имав во „Народна Техника” уште кога бев основно образование. За тие што не знаат „Народна Техника” е организација која им помага на младите да ги запознае со техничките знаења. Во нејзин склоп имаше филмска школа, каде што требаше во група од неколку деца да напишиме сценарио и истото да го снимиме. Многу добро се сеќавам на првиот контакт. Камерата 2 кила на едното рамо, батеријата со кожно ремче – 5 кила на другото рамо, јас – едвај 50 кила. Првото ѕиркање во зухерот… Чиста магија! Уште се сеќавам на првиот кадар и првото стискање на црвеното копче „record”.
После првиот „филм” мислев само на нови филмови, сценарија, камери… Едноставно сакав да бидам креативен и барав начин да продолжи магијата.
Имав среќа само што завршив средно образование се запишав на „Факултетот за драмски уметности“ – Скопје. Бев дел од катедрата за филмско и ТВ снимање, во класата на проф. Апостол Трпески. Велам имав среќа, затоа што на секој четири години се примаат по шест студенти, па така одлично ми се погоди. Таму имав можност да научам многу, а после факултетот да работам на неколку филмови каде навистина се запознав со сериозните камери.
Ќе речам дека во мојата приказна има желба, има порив има и случајност.
Разбуди се: Ти си секогаш „зад завесата”. На колку проекти имаш работено и кој можеш да го издвоиш како најдраг? Или едноставно, најинтересен, возбудлив и процес кој не си сакал да застане?
Александар: Па да, таму „назад“ некако ми е најудобно. Нескромно можам да кажам дека сум работел на многу различни проекти: филмови, серии, фестивали, тв емисии. Понатаму на музички спотови, промотивни видеа, реклами, концерти, настани во живо, фотосесии итн. Да не биди клише одговор ама навистина сите се интересни и возбудливи на свој начин. Можеби најдраги ми се оние кај кои соработката се повторува. Тоа ми дава до знаење дека првиот пат сме ја завршиле одлично работата и сме ја оправдале довербата. Исто така многу ми е драго кога можам со мојата професија да придонесам за поддршка на таленти. За афирмација на мојот град Битола и промоција на сè добро што „излегува“ од него. Секогаш ми е пријатно кога работам во (на битолски): „ТеатарО“, „ДомО“, „Офицерски“ или „Спортската“.
Разбуди се: Што значи да се занимаваш со оваа професија?
Александар: Што значи? Значи да си посветен, одговорен и креативен пред сè. Бара твоите блиски да имаат големо разбирање за тоа што го работиш затоа што немаш работно време „од 8 до 3“, па често работиш за празници, викенди, одмори… Има проекти на кои си по цели месеци надвор од дома, а има и периоди кога неколку дена си дома, па не можат да те поднесат повеќе. Им стануваш досаден и спиеш до четири за ручек.
Интересното кај оваа професија е што секој ден твојата „канцеларија“ е на различно место.
Еден ден си на планина, друг ден во студио, во визба, на плажа на +40 степени, во некое село на -20 степени… И така секој ден на различна локација. За мене најпозитивна страна на оваа професија, се колегите со кои работиш. Tие се и мои блиски другари. Така некако, дружењето покрај работата остварува спомени кои ги памeтиме и секогаш прераскажуваме. Нормално дека и ние после 12/15 часа снимање имаме „афтер“ во некоја кафана, паркинг или бензинска, оти малку ни е цел ден заедно. 😀
Разбуди се: Уметност… Или? Како е сфатена оваа професија кај нас? Дали ги следиме светските трендови и ако ги следиме колку е тешко да бидеме во чекор со нив?
Александар: Со оглед на тоа што сега, во денешно време правење торти или цртање нокти се нарекуваат уметници, не сме далеку од тоа. Затоа што самиот збор во буквален превод значи „умеење“ или „умешност“. Да умееш нешто да направиш, да имаш одредена вештина, или зборот кој јас најповеќе сакам да го употребувам за објаснување на професијата – занает. Ако филмот веќе го имаме дефинирано како „најмладата“ уметност, занает е начинот на кој работиме, го „крадиме“ од најдобрите, од мајсторите и го усовршуваме на наш начин.
Кај нас е тешко да живееш само од оваа професија, можам да кажам дека на прсти се броиме таквите. Повеќето ја сфаќаат како начин за дополнителна заработка или хоби, не кажувам дека не се професионални, и дека не уживаат исто колку и јас во работата, туку дека „пазарот“ е многу мал, се работи сезонски и хонорарите знаат да бидат мали или само за „ќе те пишиме дека ти сликаше“.
Во поглед на светските трендови убеден сум дека се следат и сме во чекор со нив. Техниката и технологијата мноогу брзо се развиваат, а нашата професија е зависна од техниката, но она што можам да го забележам пред сè е креативноста и идејата која ја имаме, а секогаш ќе се најде начин со помош на техниката со која располагаме да ја изведеме посакуваната цел.
Разбуди се: Што следи во блиска, а и далечна иднина? Има поебна агенда или…? Имаш ли некоја посебна желба која не си ја остварил и планови?
Александар: Периодот кој следи ќе го искористам за одмор, па од следниот месец се враќам на „турбо“ активности, како што реков се надевам дека ја оправдавме довербата, па ќе „повториме“ неколку проекти кои ги работиме на обострано задоволство, наше и на оние кои не ангажираат, кои исто како колегите, се трудам пред сè да се и мои блиски пријатели.
Некои желби што не сум работел… Во иднина имам голема желба да работам на „ТВ пренос“ на спортски настан од типот на „Светско/Европско првенство“, или „Олимпијада“, а „Формула 1“ би било „Џек-Пот“ за мене.
Исто така имам желба… Леле бегај, (да не се оствари) како беше она”: „Пази што ќе посакаш, може да ти се оствари“… Кој ќе оди на Дуа Липа спот да и снима…