Урбана и шармантна ноќ – Битола во зима, низ објективот на Сашо Ставрев

Битола – урбана зимска убавица низ фотографиите на Сашо Ставрев

Зошто пишувам на вечер? Зошто после 12 часот ми доаѓа да палам тутун, да седнам покрај прозорецов… (фото – Сашо Ставрев)

Да се стуткам во тоа исто меко ќебе и во пролет и лето и есен и зима…?

Исто топли. Исто гушка. Делува приспивно и не толку приспивно. Можеби му се спие само на оној кој не знае и не сака да пишува. И во право е. Сака да си одмори човекот. Да си регенерира., да се опушти. Да го испразни цел тој фолдер од обврски, работни, љубовни, семејни и пак.. Работни, љубовни, семејни… Но, мене во ова ќебе никогаш не ми се спие. Одново ми доаѓа инспирација. Одново ми доаѓаат мисли. Вријат, се буричкаат како беливе ситни снегулки шо се некако се бунат низ светлото од канделабри… И како да заспиеш кога… Види ја. Вистинска убавица. И во пролет и во лето и во есен и во зима. Битола. Мојата и твојата.


Битола не е приказна само од зборови.

Не е само да ја исфалиме ,,туку – така” со некои навидум розови очила. Битола не е за оние кои не ја чувствуваат. За оние кои не ја голтаат секоја нејзина болка, за оние кои не ја гушкаат кога и е бедно, оние кои не ја милуваат кога греши. За оние кои не и го сфаќаат хуморот, сатирата, урбаното и оној феик што глуми градски.

Битола е раскош од емоции, историја и симбиоза на нешто проклето добро ѓаволско и топол планински чај од скромноста. Битола е една токму ваква зимска ноќ. Шармантна, тивка и сепак гласна, радосна, моќна. Сака да викне, а некогаш и не може. Некогаш пак, колку и да изгледа немоќна над осамена клупа кај Офицерски, Битола е гласна.

Битола не е за оние кои не ја препознаваат во тоа тивко од студот, во тоа малку. Во тоа ведро небо и наталожен снег. Битола е омилено место за уметници. За оние кои сакаат да творат, да раскажат. И ако не бев од Битола, сигурна ќе барав некоја позајмица за ете ваков миг во вакво катче. Ќе барав стан, соба во чаршија, макар и за една ноќ да преспијам. Пред прозорец, со тутун, лаптоп и куп инспирација што доаѓа само од ова место. Од ваква приказна и токму ваква ноќ. Иста како оваа на фотографиите низ објективот на Сашо Ставрев.

Една посебна битолска зимска ноќ – Шармантно низ објективот на фотографот.

Очите се првиот допир на умот со креативното. Фотките можат да зборуваат, а овие фотографии на Ставрев, веднаш го привлекоа креативното.