Еден од најплодните актери во неговата матична сцена на Битолскиот Народен Театар. Неуморен, со брз темперамент и неверојатен талент. Го знаеме како беспрекорен работник, голем креативец секогаш со нова визија што вклучува истанчен вкус, естетски сенз и слух за доброто во градот, културата и уметничката фуриозност што одново ја гради на сцена.
Разговараме со Никола Пројчевски, актер од Битолскиот Народен Театар.
Разбуди се: Што значи да се биде Никола Пројчевски?
Никола: Да се биде Никола Пројчевски значи да си човек што не може да биде во едно место повеќе од десет минути. Човек кој никако да сфати дека наполнил 40 и останува во тој бариерен меѓупростор. Но, сепак би рекол, човек кој сеуште го негува она дете во себе. Затоа што тоа е актерот нели?
Разбуди се: А кој е Пројчевски зад завесите?
Никола: Син, татко, сопруг, брат, вујко, тетин, чичко… Човек кој неодамна прифати дека анксиозноста навистина постои.
…Понекогаш опсесивно компулсивен.
Разбуди се: Што е театар по дефиниција? Кој е театарот во светот и што е кај нас?
Никола: Театар е спој на сите уметности кои се случуваат во живо…инспирација од секојдневието…живот… Театарот е сензација од емоции, порив… Отсликување на она што се случува или она што го правиме да се случува!
Разбуди се: Брзина и мултитаскин или полека до целта?
Никола: Брзо, брзо, брзоо…ама после четириесеттата КОЧААААМ!!!
Разбуди се: А што е цел?
Никола: Здравје, мир и среќно семејство!
Разбуди се: Никола што е она што најповеќе ти фали во животот? Нешто што си го немал, а си го сакал и не си го добил или нешто што си го имал и си го изгубил?
Никола: Ќе одговорам кратко и јасно. Да сум член на ТАНЕЦ.
Разбуди се: Колку постигнал Пројчевски?
Никола: Споредувајќи со она што можев да го постигнам во светот, мислам дека во македонски услови постигнав повеќе од доволно и не престанувам да постигнувам. Секогаш сум за нови проекти, па од тука, би рекол дека ова е далеку од крај.
Разбуди се: И? Што е со Битола?
Никола: Овој град може уште мнооогу повеќе….За да биде град на културата, треба прво да го направиме ГРАД (барем во европски просек). Сметам дека го можеме тоа, само во прашање е свесноста на секој поединец.
Разбуди се: Его? Велат дека актерите се суетни. Не скокотка вистината. Прифаќаш критика?
Никола: : Колку и да сакаме да бегаме од реалноста, а имајќи предвид дека секојдневно си ,,ѕиркаме” во приватноста, мораме да признаеме дека сме многу суетни…
Разбуди се: Мисла што те води?
Никола: Се она што е за мене, ќе дојде. …И секако доаѓа.
Разбуди се: Назад низ годините: Факултет за драмски уметности или кој ќе беше Пројчевски ако не ова?
Никола: Веројатно ќе дипломирав ФОЛКЛОР и ќе уживав во едноставноста и секако посебноста на нашата традиција.
Разбуди се: Ти се случило ли да оживееш некоја улога и долго после претстава да не можеш да се ,,откачиш” од ,,неговиот” костим?
Никола: Искрено Не! И мислам дека токму тоа е моќта на актерот. Умешноста за трансформација од оној што си и оној во чии ,,чевли” влегуваш. Токму тоа е магијата на сцената. Да умееш да бидеш она што не си и да го живееш животот на ликот пред завеса, а зад неа… Секогаш треба да останеме достојни на себе си и свои. Без костим и маски.
Елена Трпковска Наумовски