Денес стартува празничниот автобус – подвижната сцена на „Зимска приказна“
„Зимска приказна“ вечерва добива ново, динамично поглавје. Од денес, 26 декември, па сè до 30 декември, битолските улици ќе ги обиколува Празничниот автобус – подвижна сцена што носи светла, електронска музика и празнична енергија.
Празничниот автобус ќе сообраќа секој ден од 21:00 до 23:00 часот, по редовната автобуска маршрута на линијата 1, со почетна станица на паркингот пред спортската сала. Возењето е бесплатно, а атмосферата отворена за сите љубители на електронска музика.

Автобусот е претворен во вистинска подвижна сцена, со диџеј сетови во живо и визуелни светлосни ефекти, создавајќи поинакво празнично доживување на град што се движи, музика што патува и публика што е дел од сцената.
Диџеј програма:
• 26.12 – T-Zobe
• 27.12 – Jakov
• 28.12 – Acika
• 29.12 – Berryqyat
• 30.12 – Boca
Со оваа иницијатива, „Зимска приказна“ ја шири празничната атмосфера надвор од централните локации и ја носи директно низ градот, претворајќи го секојдневното возење во искуство и секоја вечер во мала подвижна забава.
Инаку „Зимска приказна“ во Битола слави 5 години и е најголемиот зимски празничен фестивал во Македонија по обем.







Ова не е настан што расте само по бројки, расте по доверба, по учество, по луѓе што ја препознаваат како своја.
Почнавме со идеја да ја вратиме зимата во градот, на празничен начин.
Денес имаме мрежа од сцени, уметници, деца, семејства, музика, светла и моменти што се паметат.
Имаме град што знае да се собере, да се движи заедно и да создаде атмосфера што не се купува, туку се гради. “ – истакнуваат од Општина Битола.







“Зимска приказна” започна на 20 декември и ќе трае до 5 јануари.
На 8 локации низ градот од Плоштадот Магнолија, преку Широк Сокак, до Офицерски дом и Пациото на музејот,
од малите и големи градски плоштади, преку Безистенот и Старата чаршија, од Bliss,
па сѐ до убавецот Пелистер.
Годинава, бројките ја потврдуваат приказната:
– над 200 часа програма низ целиот град
– од нив, околу 35 часа детска програма
– 67 бендови
– повеќе од 20 соло изведувачи
– 5 фолклорни друштва
– 2 градинки и 11 училишта како активен дел од програмата.
