„Земјо мила“ спакувана во ново руво и отпеана Зуица Лазова
Ниту еден македонец не може да остане рамнодушен на стиховите од песната „Земјо мила“.
„Колку векови во темнина си била, колку темни сказни знаеш, земјо мила!
Колку страдања на рамена си збрала, колку жртви ти за слобода си дала…“
Кумановецот Никола Давидовски – Коле, за прв пат ја имаше испеано оваа песна во 1977 година. Песната била промовирана на Скопски фестивал, а денес е како химна на нашиот народ. Авторот кој стои за ова дело беше Јане Коџобашија. Давидовски ја пеел и во Јајце, на големите концерти на тогашната ЈНА во Белград. Исто така, песната била слушната и во Титоград. Ечела и кога дошол Тито во Скопје. А сега е спакувана во ново руво од маестро Николче Мицевски је пее и Зуица Лазова.
Коџабашија, кој инаку во својот музички опус има поголем број родољубиви песни. Причината е, како што вели и самиот, самиот афинитет кон нив. Инаку „Земјо мила“ ја создал додека работел како новинар во тогашното Радио Скопје и имал 35 години. Во една прилика има изјавено дека можеби на фестивалот на кој била премиерно изведена не добиле награда, но тоа што „Земјо мила“ сѐ уште живее е најголемото признание.
„Чест ми е што сум дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“, зашто Македонија е во срцето на секој Македонец. Песната „Земјо мила“ е преубав евергрин. Евергрин кој неправедно е помалку експониран. Токму ова е убава можност во ново руво да ја запознаат и засакаат и помладите генерации. Со песна македонскиот народ опстојувал со векови, па така ќе биде и понатаму зашто нашиот фолклор е наша лична карта и идентитет!“, вели Зуица.
Видеото за „Земјо мила“ – инаку мошне емотивно, е со потпис на Скендеровски продукција. Скендаровски стои зад целиот проект „Македонијо во срце те носиме“. Дел од проектот се 12 македонски родољубиви песни отпеани од исто толку изведувачи. И од светот на забавната и од светот на народната музика. Она што остана уште да го чуе публиката е песната отпеана од двоецот ДНК.
Имено наскоро следи и концертен караван под истото име на самиот проект: „Македонијо во срце те носиме“. Караванот ќе гостува во неколку македонски градови, а организаторите повторно нагласуваат: Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кој ни го оставиле генерациите пред нас.