Осврт: Моќна, сурова и драматична интерпретација на песната „Ми заплакало селото Ваташа“ од Игор Џамбазов и Андријана Јаневска

Ми заплакало село Ваташа

Пишува: Елена Трпковска Наумовски

Како една од најавтентничните песни во нашата музичка историја, „Ми заплакало селото Ваташа“ акцентира бруталност, тегобна расправа, горчлива судбина. Оваа песна зборува со бравурозни длабочини што одново копаат бунар.

Слушајќи ја „Ми заплакало селото Ваташа“, како да ги слушнавме сите пискотници, гребења и страотни лелекања. Се разбира, музиката има посебно место и ја згуснува атмосферата, па менталното и телесното како да стануваат едно.

mi zaplakalo seo vatasa

Пораката е јасна: Да се зачува музичкиот аманет кој ни го оставиле генерации пред нас. Проектот „Македонијо во срце те носиме“, алудира на чување на зародишот на изворната музика. Овој пат песната „Ми заплакало селото Ваташа“, е отпеана од грлото на Игор Џамбазов и Андријана Јаневска, а ние се осмеливме да напишеме краток осврт за нивната изведба.

Започнуваме од стиховите. Како и секогаш, Игор вешто го нагласува сиот емоционален пласт. Го доближува хиперсензитивниот багаж на тажните мајки и низ „суптилен“ баритон делува сугестивно. Џамбазов не запознава со искуството и болката. Ни открива таен канал каде драмата одново ти се мушнува и оживува низ секоја пора. Поезијата е нежна, а зборува за бруталност, убиство, жед за одмазда, незамислива монструозност. Токму таа спротивставеност е мостот помеѓу свесноста за тој спомен и одновото раѓање на трагедијата во ова секојдневие.

„…И црвена роза закити в поле…“

Со посебен фокус кон градацијата, оваа приказна од секогаш зборувала за ужас кој знае да наежи. Но, овој пат медиумскиот канал, послужи за освестување на сетилата и будење на сето она што една тажна историја го носи во себе: „Дајте ги ваму нашите деца, еј вие клети крвници!“

Посебните гестикулации на Јаневска, изобилуваат со исклучителна театралност која овој пат и тоа како е потребно да е присутна на сцената. Нејзиниот глас ја надополнува „битката“, емотивната трагична експресија да стане вистинска, пиплива, јасна.

Концептот ја општи јасната порака: „Да се сака и почитува македонската музика, таа е нашиот ИДЕНТИТЕТ!“ – Што всушност е реплика и на Андријана Јаневска.

После феноменалниот предизвик Јаневска и Џамбазов да постават една уникатна естетска и синхронизирана поставеност на сцената за време на настанот на Златна Бубамара, оваа песна станува сочувствителен моментум со одлична претстава за крахот и тешката судбина.

Ми заплакало село Ваташа

Доживувањето е скоро апокалиптично, а стиховите конструираат монструозен „дијалог“ кој се одвива тет а тет со ѓаволот. Песната гради искуствено, визуелно, наративно и воодушевувачки моќно искуствено доживување кое одново зборува за трагедијата во село Ваташа, а преку оваа изведба, долго ќе се памети…