Art Time
БИТОЛА ПОЧНУВА ДА ЖИВЕЕ ФИЛМ ТРИ ДЕНА ПРЕД „БРАЌА МАНАКИ“: „СТРАНЕЦОТ“ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО
На 16 септември, со почеток во 19 часот, на програмата е „Странецот“, новата филмска интерпретација на славниот роман на Албер Ками, во режија на François Ozon.

Битола влегува во својата филмска недела.
Три дена пред официјалниот почеток на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, 3D Кино Битола и Книжевниот клуб UTOPIA подготвуваат поинакво филмско загревање за градот: проекција под отворено небо во UTOPIA, книга, филм и разговор со публиката.
На 16 септември, со почеток во 19 часот, на програмата е „Странецот“, новата филмска интерпретација на славниот роман на Албер Ками, во режија на François Ozon.
Со овој настан 3D Кино и UTOPIA започнуваат заеднички формат кој ги спојува литературата и филмот и ја отвора проекцијата кон разговор: што се случува кога една голема книга ќе добие нов живот на платното и колку филмот може, или треба, да остане верен на она што читателот веќе го создал во сопствената имагинација.
Изборот на „Странецот“ за првата ваква вечер не е случаен.
Романот на Ками, објавен во 1942 година, повеќе од осум децении останува едно од клучните дела на литературата на 20 век. Мерсо и денес нè враќа кон прашањата за апсурдот, осаменоста, отуѓувањето, моралот, општествените очекувања и човекот кој одбива да се однесува онака како што светот очекува од него.
Осумдесет и четири години подоцна, François Ozon му се враќа на истиот текст од перспективата на современиот европски филм.
Токму тука започнува и разговорот што ќе следува по проекцијата.
Дали на платното ја гледаме истата приказна што сме ја прочитале? Што останува од Ками кога неговиот свет ќе стане слика? И што гледаме поинаку во Мерсо денес отколку читателите во 1942 година?

Разговорот по филмот ќе го води Јасмина Атанасова, која со публиката ќе ги отвори книжевните и филмските слоеви на делото, но и просторот за различни читања и впечатоци.
Организаторите велат дека претходно читање на книгата не е услов за учество. Напротив, идејата е на исто место да се сретнат оние што одамна го познаваат Ками, оние што неодамна го прочитале „Странецот“ и оние чија прва средба со приказната ќе биде токму преку филмот на Ozon.
Настанот е замислен и како warm-up за „Браќа Манаки“, фестивалот со кој Битола речиси половина век ја гради својата посебна врска со филмската уметност.
Пред градот на 19 септември да им ги отвори вратите на кинематограферите и филмските гости од светот, на 16 септември филмот излегува под отворено небо.
Со книга во едната и филм во другата рака.
16 септември | 19:00 часот
Книжевен клуб UTOPIA



