Редовно штом ги правам интервјуата со тимовите на „Креативен ден“ имам чувство дека зборувам со луѓе кои имаат неверојатна страст и непоколеблива моќ кон она што го работат. И сета таа возбудлива страст знаат да ја пренесат… Да те поттикнат и тебе да бидеш дел од таа фантастична креативна фузија. Себично, но јас за едно со тимот на „Разбуди се“ станавме дел од неа. Така, со оглед на досегашното искуство, срдечно ве покануваме да станете дел од настанот. „Креативен ден“ ќе се одржи на 1ви Јуни 2024 (Сабота) во 20:00 часот во просториите на КИЦ Офицерски Дом Битола.
„Креативен ден“ не е само презентација на модни брендови и парчиња, не е само урбан крик за модата во градот. Пораката е подлабока од тоа и ги поттикнува и мотивира младите да учат занаети, побрзо да стекнуваат финансиска независност, поттикнувајќи го претприемништвото и имплементацијата во заедницата.
ЗА ПОТСЕТУВАЊЕ ИДЕЈАТА ЗА НАСТАНОТ „КРЕАТИВЕН ДЕН“, Е НА ПРОФЕСОРКИТЕ АНИТА СТЕФАНОВСКА, ЕМА ЌУКА И ЖИВКА ТАНУШЕВА ИЦАНОСКА ОД ТЕКСТИЛНАТА СТРУКА ВО СОУ „ТАКИ ДАСКАЛО” БИТОЛА И ВЕСНА БОЖИЛОВИЌ ОД ПРОДУКЦИЈАТА „БОЖИЛОВИЌ”. СО ОВА, ТИЕ ПОТТИКНУВААТ ВРАЌАЊЕ НА ДОВЕРБАТА И ИМИЏОТ НА СТРУЧНИТЕ УЧИЛИШТА, А ,,PERWOLL RENEW”, СО ЗАДОВОЛСТВО СЕ ПРИКЛУЧИ НА ИДЕЈАТА.МОДНИ ДИЗАЈНЕРИ ЗАЕДНО СО УЧЕНИЦИТЕ, МЛАДИТЕ, КРЕИРААТ. А ПОТОА ПОЗНАТИ И УСПЕШНИ ДАМИ ИМААТ УНИКАТНО ЗАДОВОЛСТВО ДА ГИ НОСАТ НИВНИТЕ МОДЕЛИ.
Оој пат зборувавме со тимот од Охрид, што покажува на фактот дека иницијативата да се сфати сериозноста на настанот е поголема од границите на конзулскиот град. Зборуваме со Екатерина Петреска, модниот дизајнер, Бисера Нечовска дамата што ќе ја носи креацијата и ученичката Андреа Ризовска.
Најпрво нашите љубопитни прашања се концентрира кон Екатерина Петреска. Моден дизајнер со големо искуство и докажана историја во однос на текстилната индустрија.
„ „Креативниот ден“ претставува одличен настан кој нуди уникатна и единствена можност за идните млади дизајнери да навлезат подлабоко во светот на модата и бизнисот.“ – започна Екатерина околу настанот, а на нашето прашање поврзано со тоа која свест и таргет „публика“ треба да ја разбудиме, Петреска ни одговори:
Треба да се разбуди свеста кај целата популација, а акцент би ставила на помладите генерации. Македонија, иако мала земја изобилува со таленти, креативци, на кои им е потребен само мал поттик да тргнат со храбри и цврсти чекори во светот на модата. За „Креативен ден“ како настан, сметам дека значително допринесува за поттикнување на развојот на модниот дизајн.
Разбуди се: Можете ли да ни објасните нешто повеќе околу тоа како вие гледате на оваа иницијатива?
Оваа иницијатива како што веќе напоменав, е одлична можност за младите пред сѐ, да се запознаат со работата на дизајнерот, процесот на дизајн и изработка на креација, како и презентирање на финалниот производ пред јавноста. Се стекнуваат знаења на нови техники и вештини, а воедно и едно големо взаемно искуство на целиот тим. Претставува еден нов вид на предизвик, креирање на модел за успешна дама кој совршено ќе и прилега. Додека пак, јавноста има можност да ги запознае идните млади дизајнери и она што тие имаат да понудат. Честитки до организаторите за иницијативата, им посакувам уште поголем успех и да догодина овој настан премине и во модна недела.
Разбуди се: Што значи да се биде моден дизајнер во нашава земја и дали можеби вашите апетити стремат кон светската модна сцена?
Да се биде дизајнер во нашата земја претставува голем предизвик од секој аспект. Брендот „Екатерина“ на пазарот постои веќе 4 години и е препознатлив по своите уникатни креации. Освен клиентите од нашата земја, добар дел од клиентите се од европските земји како Италија, Хрватска, Франција, Србија и други. Како и секој добар дизајнер се стремам да во блиска иднина моите модели се најдат на модните недели на европските метрополи, а со многу труд и работа секој ден сме чекор поблиску до целта.
А како дамата Бисера Нечовска гледа на оваа модна приказна со моќна порака? Со автентичен пристап и компелтно свој потпис, Нечовска го привлече нашето внимание и поентира заклучоци за тоа како една вистинска дама гледа на модниот свет.
Разбуди се: Колку модата е составен дел од животната приказна на една дама?
Модата е нашето прво “intro” пред надворешниот свет. Јас верувам дека тоа е порака, информација, исказ, за тоа како се доживуваме сами. Изборот на бои, дезени, форми и стилови на облека, апсолутно се наш личен печат… Без оглед на моменталниот тренд кој владее.
„Креативен ден е линк помеѓу образованието и бизнис секторот.“ Апро по, колку младите ја ценат оваа професија според вас? Што се случува со модната индустрија кај нас?
Младите, би рекла, секогаш биле привлечени од оние професии каде моментално најмногу се заработува. Модната индустрија на светско ниво, дизајнерските куќи, се практично оние кои обележуваат цела ера од цивилизацијата. Кодексот на облекување е императив на едно време. Од таму и астрономските заработки на оваа индустрија. (се смее )
Кај нас, земено во предвид тоа што сме мала земја, оваа индустрија сметам дека постои преку одредени етаблирани имиња. Но, сеуште има простор за да се делува на развојот.
Во однос на младите луѓе кои размислуваат за оваа струка, би им препорачала, од самиот старт да се одвојат од просекот, и да „одлучат”, да бидат најдобри. Секако, ова нема да се случи преку ноќ. Но, од таа одлука зависи како тие ке се позиционираат во нивната кариера. Треба многу работа. На себе секако, за да се постигне препознатлив бренд, што верувам, ке им донесе и материјализирање на нивните цели.
И додека го пиевме охридското кафе (сепак преку „жица’ затоа што со оглед на обврските сфативме дека би ни било кратко времето за да си направиме толку добар раговор), се надоврза Андреа Ризовска, ученичката дел од тимот од Охрид.
…И се започнува од овие скици…
Разбуди се: Андреа што значи да си дел од „Креативен ден“? Дали со вклучувањето кон оваа иницијатива, значи дека твојата амбиција во поглед на модното дизајнирање ќе се зголеми?
Јас сум ученичка во 3та година, текстилна струка- техничар за дизајн на облека. Во досегашното мое образование имав можност од професорките да научам многу за дизајнот и изработка на модели. Преку наставниот процес изучуваме и многу техники за декорирање и изработка на различни модни додатоци. Но, „Креативен ден“ за мене претставува едно ново искуството како иден моден дизајнер.
Разбуди се: Како млад човек, кој а вашиот апел во рамките на мотото на „Креативен ден“? Што треба да научат младите?
Со самото учество во манифестација како овој настан, во која ние учениците треба заедно со веќе искусни дизајнери да креираме модел за успешна жена, е голем предизвик. Влегуваме во модниот свет, и ги запознаваме сите негови убавини. Мојата порака до сите млади е силно да веруваат во тоа што го сакаат, и секогаш да бидат упорни во работата.
Така го завршивме разговорот со тимот на „Креативен ден“. А вам уште еднаш ве потсетуваме да бидете дел од настанот кој ќе се одржи на 1ви Јуни 2024. Настан, за кој и ние веруваме дека ќе прерасне во модна недела. …И секако, ќе ја задржи и развие пораката што ја креираат организаторите.