Во Југото на Мими, Mark De Jong: Кога Белгискиот Кувар Ќе Ја Запознае Македонската Кафеана

Југото на Мими, каде шоуто и животната филозофија се испреплетуваат, овој пат вози со белгиско-македонскиот кувар Марк. Марк – човекот кој знае дека наједноставните рецепти се најкомплицирани… Дека храната зближува и дека доматите во Македонија немаат сериозна организација во гајбите, ама затоа имаат вкус!

Марк, кој 45 години живеел во Брисел, последните 15 години е жител на Македонја и го обожава нејзиниот гастрономски хаос. „Овде производите можеби не изгледаат совршено. Ама вкусот им е незаборавен,“ вели тој во југото на Мими, користејќи го својот омилен израз „улала“ кога нешто е баш по негов мерак.

На задното седиште, Кумбата, редовниот сопатник на Мими, го „предупредува“ Марк: „Јас сум тука да ги плашам гостите, ама ако уплашиме кувар, пази се – можи да те отруе!“ Марк се смее и забележува нешто во стилот на: „Во Македонија можеби е така, ама во Белгија сè оди по протокол!“

„Југото на Мими: Кога Белгискиот Кувар Ќе Ја Запознае Македонската Кафана“

Возејќи низ Скопје, Мими се снаоѓа низ улиците со мешавина од концентрација и неверување, а Марк со сеќавањата од својот ресторан во Белгија. „Таму беше поорганизирано, ама овде е потопло, а кафаните секогаш полни. Ако не одиш во кафана, не си нормален човек! Прво ми беше чудно, сега ми е нормално!“

Разговорот безгрижно талка од мотори до рецепти, од протоколи за исхрана до македонските традиции. Марк објаснува дека куварот мора да учи, да патува, да се врати и да донесе нешто ново. „Ако не си различен, ништо!“, вели тој. За политиката, пак, кусо заклучува: „За мене се сите исти.“

Во Македонија, Марк вози и точак и скутер за потребите на својата емисија, која сега влегува во третата сезона. „Секогаш може подобро,“ е неговото мото. Дома тој готви, но признава дека сопругата е експерт за македонските специјалитети. Иако има седум печки, ајвар дома не прават – Нема време!“

„Јас сакав да бидам инженер или механичар,“ вели Марк, „ама животот ме однесе во кујната.“ Сепак, љубовта кон автомобилите останала – во гаражата има старо Фиќо, кое упорно го средува, а каде и да патува, прво гледа какви коли возат луѓето. „Посебно ме фасцинираат хибрид возилата,“ додава тој, „комбинација на технологија и ефикасност – најдоброто од двата света!“

Кумбата, кој исто така има куварски способности, веднаш се надоврзува со духовит коментар: „Нормално, Марк размислува куварски – плин, струја…исто како во кујна!“

На крајот Марк се смее како повторно да го носи истиот заклучок од пред неколу минути:

„Најважно е да се почитува човекот на маса. Храната е љубов, а ако немаш љубов  – не готви! “

И така, иако атмосферата во Југото на Мими секогаш е на границата помеѓу шоу и филозофија за животот, заклучокот е јасен во светот на Марк, љубовта е клучот што ги поврзува сите вкусови и рецепти.

[post_tags]