Ова беше фантастичен викенд во Битола што ги задоволи сите вкусови на убавото, урбаното, етичното.
„Мини трчај бе“, „Креативен ден“, вовчето Мечо што не враќа во тоа наше ретро и еден пајтон што повторно ги краси битолските улици, сокаци, калдрма…
Викендов, нашиот град се разбуди во едно детство кон кое долго копнеевме, една желба за враќање на тоа ретро и таа магија од некогаш. Во Битола, одново се роди вовчето „Мечо“, а ние се потсетивме на слаткиот миг во кого животот, со малечки очи го гледавме пред нас.
И додека шареноликото импровизирано вовче не шеташе низ градскиот парк назад во нашето минато, секогаш бевме среќни, радосни, со позитивни очекувања за годините што следат. Мечо не потсети на тоа минато кое ни го покажуваше светот, на битолкиот познат бренд со тост од кај „бутките“, сокче со цевка и лулашките.
Мечо некогаш ни ветуваше незаборавни спомени кои во Саботата повторно се разбудија. Електричното вовче тргна низ Градскиот парк и некогашната атракција за најмладите одново се креира.
Вечерта, Битола се разбуди во една елегантна приказна. Низ совршениот ентериер на Офицерски Дом, под големите лустери со посебна грандиозност и мермерни детали, дефилираа познати дами, создавајќи неверојатна урбана и креативна модна приказна што ги поддржа нашите талентирани дизајнери.
Уживавме во настанот под името „Креативен ден“ и се потсетивме на уште една модна приказна за битолските чупиња. Приказна што ќе продолжи да чекори низ Широк Сокак, на Шеталиште, низ чаршиските улици.
Ова беше сензација од емоции кои финишираа со детските чекорчиња кои трчаа до целта на настанот креиран под насловот „Мини трчај бе“.
Се слушаше детскиот џагор, насмевката и гордоста за тие „мини“ чекорчиња кои еден ден ќе станат големи. Ќе ја раскажат приказната на конзулскиот град и ќе инспирираат нови генерации.
…И дури се радувавме на убавото, детството, урбаното во модниот свет, еден пајтон одново ни ја раскажа боемската приказна. Исто како некогаш, во тоа и ова време… Каде љубовта се множи во единственото место со мирис на молика, македонско кафе… во срцето на светот.
Разбудете се во Битола и одново креирајте спомени. Летото е пред нас и ни доаѓаат уште многу настани нови приказни кои ќе запишат историја.