Во Новата Година сите стануваме магистри на плановите и визионери на „подобрата верзија од себе“. Но, ајде да бидеме искрени – ако тоа навистина функционираше, досега ќе живеевме во утопија исполнета со совршени луѓе. Зошто тогаш не сме таму? Проблемот не е во годината – таа вистински е нова – туку во нашиот инстикт да го „планираме планираното“.
Во Новата: Планирање на Планираното – Ни под Разно!
Замислете ја Новата година како мистериозна врата. Но, не било каква – туку врата која ќе се отвори по автоматизам ако го оставите списокот со новогодишни одлуки пред неа. Ако се појавите со „ова ќе правам, тоа ќе правам“, веројатно ќе остане заклучена. А дури и ако се отвори…што ќе најдете? Истите стари навики, само со нов датум.
Па, еве еден парадокс само за вас: оставете го планирањето зад себе. Што ако наместо да запишете цели, запишете грешки што сакате да ги направите во Новата? Да, добро прочитавте – грешки. Замислете да пробате да свирите на виолина и да изгледате како лош музичар или да печете торта што на крај ќе изгледа како скулптура на Дали. Но, знаете што? Во тоа е магијата.
Пред неколку години, си ветив дека ќе научам да свирам гитара. Денес гитарата ми стои како декорација, ама научив нешто друго – можам да изведувам „Мала ноќна музика“ со чаши за вода.. И да, тоа е мојата верзија…во G-дур или поточно, G-шум – симфонија од стаклени треперења и водени вибрации. Смешно? Сигурно. Вредно? Неизмерно!
Животот е поинтересен и покреативен од било кој план. Наместо да планирате, впуштете се во неочекуваното. Вратата нема да се отвори со „најдобрата верзија од вас“ туку со онаа верзија што не се плаши да ризикува, да згреши и да се смее како луд/а на своја сметка.
…А за оние што сепак ќе решат да планираат во Новата, барем направете го тоа наопаку – испланирајте си мал хаос, малку грешки и многу радост.
-In the New Year, planning for planning, no less!-🤔
пишува: Ромина Марковска