Модернизација на часовникот или како се упрости човештвото:Појавата на инстант – човек – Колумна

Знам. Насловот е долгометражен, ама па е симбол за патот по кој помина времето. Исто е симбол и за часовникот низ фазите на битието свое или со друго име – еволуцијата на времето.

Почнува како и сѐ друго, од самиот почеток, оти друго почнување, нели, нема. Почнува од првобитната форма – што воедно беше и чиста уметност: сложена композиција, извајана и изрезбана со нишки на мудрост, трпение, вештина (макотрпно стекната, а не наследена) и количина на ум и разум поголема од шуплините во главите на масата личности денес насловени како – инстант човек.

Знам. Целосно е несвојствено и непознато за сега – ерата на упростеното човештво, ама некогаш (не толку одамна колку што би сакале да беше за да се утешиме), часовникот беше разумно смислен предмет што сведочеше за траењето на животот во речиси сечиј џеб. И не само што сведочеше, туку, иако беше само направа, владееше со низа способности, што за жал не може да се каже и за денешниот инстант – човек.

Часовникот, не денес – ами некогаш, кој го чувствуваше и пулсот од вените на рачните зглобови мерејќи го траењето на срцебиењата (или накратко – животот), стигна да се преобрази во апстрактен поим за кој секој знае, ама и нема некој што го има.

А најжалосно е што мнозина, замисла си ткаат дека со времето треба да се тркаат, а не да го имаат. Да го поседуваат. Секој мисли дека се движи со чекори брзи кон целта која па е погрешно составена како трофеј за некое големо дело (често речено и како „животно дело“) поради успешна кариера.
Се трча кон поимот да се биде „некој си голем“ човек во време кога „голем“ има празна дефиниција од безбојни бои, а нема вистински отпечатоци по кои ќе се измери.

Модернизација на часовникот или како се упрости човештвото:Појавата на инстант - човек - Колумна

Ова е време во кое неукоста е слепило од кое реалноста не може вистински да се види. Па така, можеби по некој е останат кој сѐ уште по старомоден часовник се води, ама мнозина модерни не знаат:
Времето – кое е еквивалент на живот во овој модерен свет, се случува надвор (не во екраните). Поминува покрај нас низ цутењето на лалињата кои веќе го означиле топењето и исчезнувањето на снегот.
Покриени се со земја поминатите секунди, минути и часови во кои и семето мора труд да вложи за цветот горе, над земја, да оживее благодарение на корените под него за кои семето времето свое го даде.

Има, да, вистина, и пластични цветови и семиња и плодови разни (па дури и храна) што со еден клик може да се родат. И без вода, без сонце и без труд вложен, без апсолутно никакво подвиг, а во секунди мерени со модерно време.

И храна таква, на масите стигнува, без сказалките долг пат да поминат и совршениот круг да го освојат. Туку само на екран, бројот во наредниот се претвора и во телото на претходниот со друга форма ќе се всели. И така секој нареден број на претходникот местото му го зема. Па со клик, трпезата се полни со облици на окото познати, ама за желудникот странци кои побрзо му го доближуваат крајот кога часовникот целосно ќе престане да работи. И веќе битно не ќе е дали часовникот со сказалки и механизми е или е дигитален со броеви празни – модернизиран.

И сѐ е некако демек поедноставно, ѓомити полесно (лажги со опашки), ама во сѐ тоа, убавината – каде е?

Монотонијата и светот без боја и слоеви, никогаш на човештилукот не му биле сојузници. А човештилукот сега е подреден субјект (не во наша полза) кој е принуден за ситни монети да ги отплеткува јазлите и бучкурушот направени од неспособноста која е впрочем и главна карактеристика на надредениот му инстант-човек. Тој, па, е подосаден и побезвезен и од инстант нудлите во микробранова направени (а не зготвени оти готвењето труд си бара) за помалку од три минути. Време идентично на процесот на поставување на инстант – човекот над оној кој навистина мисли.

А тоа е во суштина и она што се случи – модернизација на часовникот, кој од уметност стана само дигитални броеви. Сказалките и механизмите се заменија со дигитални точки и цртички кои некако сѐ побрзо го бркаат не само времето туку и животот од човекот. Единствената разлика (нешто што не се смени), е што посложениот човек го боли загубата на постоењето во уметноста и слоевитоста, додека па на овој другиот, инстант – човекот не му менува дали времето е покажано на некогашниот или на модернизираниот часовник. А тоа е така бидејќи нему, на инстант – човекот, секундите, како и минутите и часовите и деновите му се исти – копија на минатите, сегашните и идните во кои секако ја нема способноста за убавината да ја процени, барем онаа малку останатата која уште умешно постои низ сказалките и механизмите и уметноста во часовникот кој некогаш единствен патоказ за времето беше. А сега веќе не е, бидејќи откако човештвото се упрости и модернизацијата на часовникот настапи, некогашниот старомоден часовник повеќе толку посакуван не е – во сечиј џеб не го бери.

Марија Трифуновска Тасеска

[post_tags]