Велат уметноста никогаш не оди на одмор. И веројатно е единствената магија што остана во овој свет. И така викендов, сакајќи да се одморам, свесно „бегајќи“ од обврските, ете ти ја таа- уметноста. Во потполно грандиозен сјај, ме натера да се потсетам дека секогаш е време за креација. Уште една уметничка приказна. Следеше уште едно интервју тоа попладне, а јас (викендашки), искрено, мрзоволно се облеков, нагрнав капут и оставив денот да го каже своето. Но, како и секогаш, сакам изненадувања. А моето изненадување стоеше на една масичка во кафуле во битолска приквечерина, со кафе и вкусен колач. Велат креативците се како жива од топломер и каде и да ги распрскаш низ светот, судбина им е да се најдат. Така јас се најдов на таа масичка и имав чест и привилегија да разговарам со Наде Лозанче – видео едитор.
Имено, Наде е извонреден креативец, лудо амбициозна девојка со никогаш доволен апетит за да го разбуди убавото. Токму и затоа се најде на страниците на „Разбуди се“. Нејзините видео – записи како да отвораат посебен прозорец кон нова димензија. Велам нова, затоа што Наде знае да го извлечи и прикаже убавото, носејќи еден извонреден квалитет… Игра на светлина, визуелен раскош. Лично ги доживеав нејзините видео – записи, како рефлексија на слободниот дух… Себе искажување на еден видео едитор. Што ако таа слобода ја пуштиме да летне? „Не знаеш каков е нашиот градски парк кога ќе го погледнеш од очите на една птица!“ – сподели Наде. Како да широките кадри и снимката со дрон зборуваат за посебен идентитет кој повикува на будење. Ако само со еден збор би ги опишала, би рекла дека Наде знае да го буди „УБВОТО“. Пресреќна сум за новото пријателство…
И секако простете за големиот сторителинг… Имам уште многу да кажам, но време е во редовите подолу да слушнете и погледнете едни посебни видеа – разгледници каде уметникот рефлектира внатрешен поглед и зборува за слобода кој време е да ја разбудиме.
Фото- Весна Пукич
Разбуди се: Како почна да ја креираш оваа приказна како видео едитор? Која е Наде? Кажи ни нешто повеќе за твоите дела, образование и кон што се стремиш?
Н. Л. : Почнав да создавам приказни преку видеа како начин да ја изразам мојата страст за доловување на убавината на светот и емоциите на различните искуства. Отсекогаш сум била фасцинирана од раскажувањето приказни и визуелните уметности. Моето образовно патување го започнав на Факултетот за туризам во Охрид но да бидам искрена, единственото нешто што навистина го правам со таа диплома е да бидам прилично добар турист! Како мајка на три деца и сопственик на приватен бизнис, наоѓањето време да правам сѐ што сакам е постојан предизвик. Можам да кажам дека имам голема страст да учам нови работи.
Со текот на годините научив турски јазик па минатата година работев како преведувач на турскиот филм Ататурк. Се снимаше во нашиот град и ми беше едно прекрасно и многу драго искуство. Моментално учам и шпански, бидејќи сакам да истражувам нови јазици и култури. Подоцна се стекнав со диплома за UX/UI дизајн што сето тоа ја обликуваше мојата креативна перспектива.
Пред неколку години ја открив моќта на комбинирањето на снимките од дрон со раскажувањето приказни за време на моите патувања, главно во Грција. Тоа искуство ми ја поттикна љубовта да го доловам светот од уникатни агли. За да ги подигнам моите вештини на следното ниво, се запишав на една наша академија за Video editing и Motion Graphics.
Фото – Весна Пукич
Разбуди се: Каков е предизвикот при монтирање?
Н. Л. : Еден од најголемите предизвици во уредувањето видеа е да поминете низ многу снимки и да ги изберете најдобрите клипови и кадри што одговараат на приказната.
Разбуди се: Која е пораката што би сакаш да ги пренесеш преку твоите видеа? Која е целта?
Н. Л. : Сакам да ја покажам убавината на пејзажите и колку неверојатно изгледа сè одозгора кога го летам мојот дрон. Мојата цел е да ги инспирирам луѓето да го видат светот на нови начини и да ги ценат неверојатните погледи околу нас.
Разбуди се: Понекогаш, велат, доволно е да се пренесе порака преку слики. Не е потребен дијалог, раскажувач и т.н. Дали снимањето е уметност и дали евентуално може да ја преземе целосната улога на лик во дадена приказна?
Н. Л. : …Апсолутно! Визуелните слики можат да изразат силни емоции и пораки без никакви зборови. Снимањето е уметност. Камерата делува како лик, насочувајќи како публиката се чувствува и како ја гледа приказната. Може да создаде емоции и да раскаже приказна на начини на кои зборовите не можат.
Разбуди се: Како оди процесот на креирање? Како до финишот?
Н. Л. : Процесот на создавање започнува со идеја или приказна што сакам да ја раскажам. Ги планирам кадрите, локациите и целокупното расположение што сакам да го фатам. Потоа доаѓа снимањето, каде што го користам мојот дрон и камерата за да ги соберам снимките. Процесот на монтирање е местото каде што се случува магијата – ги составувам клиповите, додавам музика и го прилагодувам секој детал за да се осигурам дека приказната тече беспрекорно, но гледањето на финалниот производ е неверојатно наградувачко.
Разбуди се:Дали Македонија е доволно инспиративна локација за создавање видео? Или можеби сте заинтригирани и од други дестинации?
Н. Л. : Да, Македонија е дефинитивно инспиративно место за создавање видеа! Има многу прекрасни локации каде што сакам да снимам. Иако ме интересираат и други дестинации, Македонија нуди уникатна убавина што ја инспирира мојата работа.
Разбуди се:Дали имаш аспирации за нешто повеќе од монтажа на кратки видеа?
Н. Л. : Никогаш не знаеш каде ќе те однесе животот. Во моментов, едитирањето видео, го правам од хоби, но исто така и продавам кратки видеа на сток платформи… Но, секогаш сум отворена за нови можности. Уживам во она што го работам и ако се појават нови можности, подготвена сум да ги истражам.
Разбуди се:Дали во Македонија е тешко да се задоволи апетитот од аспект на уметнички порив или воопшто амбиција? Дали вреди да се биде амбициозен и соодветено, има ли надеж да се „разбудиме“ во однос на таа почит и поддршка на работата, идеите и талентот?
Н. Л. : Може да биде предизвик да се најде поддршка и признание за уметничката работа во Македонија, но верувам дека вреди да се продолжи со својата страст и да се биде амбициозен. Тука има неверојатен талент и креативност и се надевам дека со текот на времето, ќе има повеќе можности и поддршка. Ние треба да создадеме простори и платформи каде што се негуваат и слават идеите и талентите.