Книжевен клуб УТОПИЈА: Битола чита

Книжевен клуб УТОПИЈА: Битола чита

Минатиот месец, во духот на љубовта кон литературата и желбата за подлабоки книжевни разговори, се формира Книжевен клуб УТОПИЈА. Утопија е иницијатива што ги обединува читателите, издавачите и книжарниците. Создава простор за инспиративни средби и дискусии за книгите што оставаат трага.

На втората средба која се одржа оваа недела, романот што ја обои вечерта беше „Црквичето“ на Владимир Костов.

Тоа беше вечер во која зборовите од романот на Костов се претопија во вистински разговори… Кога страниците станаа мост меѓу генерациите и кога тишината на читањето доби глас.

“Книжевен клуб УТОПИЈА не е обичен книжевен собир. Тоа е место каде што историјата, спомените и литературата се преплетуваат со сегашноста.

Во град како Битола, каде што секој агол носи одек од минатото, оваа книга не можеше да биде подобар избор за почеток на функционирањето на Книжевниот клуб.

„Црквичето“ не е само роман. Тоа е карта до скриените простори на меморијата. До личните и колективните митови… До местата каде што минатото не е само нешто што се памети – туку нешто што се живее. Месец февруари ќе го помнам по читањето на романот” – истакна Христина Фуна која е иницијатор на формирањето на клубот.

Меѓу присутните кои дискутираа за романот на Костов беше и проф. д-р Борис Ангелков, универзитетски професор во пензија и некогашен ученик на Владимир Костов.

Тој зборуваше за својот професор со прекрасни сеќавања на своите средношколски денови. Професорот што ги зарази своите ученици со љубов кон книгата, што ги научи дека литературата не е само збир зборови, туку архитектура на човечката мисла. Низ кариерата, Ангелков е човек на науката, на природните науки попрецизно, но тоа не го спречува да носи во себе огромна библиотека – не само како колекција на книги, туку како начин на размислување.

И тоа беше суштината на вечерта. Литературата како сведоштво. Како лична, но и заедничка историја. Како мапа што ги води оние што сакаат да разберат повеќе, подлабоко, поинаку.

Книжевниот клуб Утопија упатува отворен повик до битолчани, македонските издавачи и книжарници да се приклучат. Идејата е клубот да биде отворен и бесплатен простор за промоција на книгите и читањето.

“Во свет каде што брзината на информацијата го надминува квалитетот на размислувањето, Книжевен клуб УТОПИЈА нуди нешто што стана реткост – простор за тивки, но значајни разговори” – истакна Јасмина Атанасова која го води овиј клуб од неговото формирање.

Читатели – Ако сакате да бидете дел од средини каде што книгите не се само прочитани, туку и доживеани, придружете ни се.
Издавачи – Ако верувате дека одредени книги заслужуваат да бидат прочитани и дискутирани, предложете ги.
Книжарници – Ако сакате да станете дел од ова книжевно патување, отворете простор за нашите избори.

“Во март читаме „На небото има реки“ од Елиф Шафак, а на третата средба се среќаваме да ја дискутираме оваа книга – и светот што таа го отвора.
Во време кога светот трча, ние одбираме да застанеме и да прочитаме.
Во време кога сè е сведено на кратки пораки, ние одбираме да разговараме.
Во време кога книгите се само предмети, ние одбираме да ги претвориме во доживувања.
Се гледаме во април.”- порачува Атанасова.

Следната средба е закажана за 2 април 2025 во 19.00 часот во Клубот Утопија.

[post_tags]