Често обврските знаат да те донесат до едно латентно „Ох“ и едно „леле“… Ајде уште ова и да ја привршуваме неделава. Така некако со дождот минатата недела, ми се влечеше тој внатрешен глас и конфликт кој те притиска… Но, брилијантно е кога обврските всушност ти стануваат забава. И токму работата е оној креативен адаптер како своевиден „жетон“ за да создаваш уште и уште… И никогаш доста од уметност. Имено, разговараме со Билјана Крајчевска, Muamed Malikowsky и Флоренсија Дурак – Еден од тимовите на настанот „Креативен ден“. Личности кои за тоа кратко кафенце што го испивме во „Белата куќа“, знаеа дождот и силниот ветер да ми го претворат во фантастично попладне од само и само позитивни емоции.
Тешко е да го најдеш својот „идентитет“. А уште потешко е откако ќе се најдеш, да најдеш и некој кој како тебе, сака да го носи тој костим. Тешко е да најдеш истомисленик. И тука некаде, бевме на иста фреквенција, вибрација фокусирана кон уметноста како суштинска цел на секојдневието. Како костимот зборува, какви приказни може да раскаже и што се крие зад приказната на „Креативен ден“? Зборувавме за соништата. За колективната свест во ова конзумеристичко општество, за она по кое лутаме, она апсолутно непотребно „сѐ“ кое сакаме да го имаме и лакомо да го облечеме. Ова е приказна за идентитет, ќе рече Билјана Крајчевска познат драматург и маестрален драмски писател, фантастичен соговорник со кој би сакала да испијам уште многу кафенца.
Разбуди се: Театарот како уметност, пенкалото што создава маестрални драмски текстови и модата како уметност? Не интересира како би ги споила сите овие работи во едно? Апро по, за еден магазин Билјана Крајчевска изјавила: „Во центарот на театарот е претставата. A претставата почнува од нечија приказна. Лична или колективна“. Поврзувајќи ги театарот и модата како едно цело, колку е релевантен костимот? Што сѐ знае да соопшти модата?
Не можам со сигурност да тврдам дека додека пишувам, до детаљ ги замислувам ликовите… Aма сигурно од идеја до драмски текст, од пенкало до театар – сите се „доследно“ облечени. Освен кога не треба да се облечени – ама и тоа е своевиден костим.
Сега, Hèlene, замисли, додека се фоткавме на нашата средба, сите да бевме облечени во пижами… Или завиткани во целофан, или да носевме огромни кринолини, оверсајзд дукс итн. итн. Или замисли, ти додека готвиш и истовремено танцуваш на музика, си облечена во Haute couture креација. Да, прво што ми паѓа на памет е дека сето тоа е креативно, интересно, зачудно… Ама јас, како драматург и драмски пистаел, прво би се запрашала: „ Дали овде некој сака нешто да ми каже?“.
Како и да е првото инфо за личноста – сакале или не, е неговиот аутфит.
А додека во драмскиот текст /претставата/ во театарот, визуелниот свет, чиј добар дел е костимот, не подразбира само карактеристика на ликот и социјален статус и негова имагинација и како ќе се движи на сцена и како тоа ќе афектира на публиката, туку костимографот, дизајнерот создава уште еден нов свет што содржи елементи на естетика и коментар на контекстот во целост – тоа ти доаѓа како во костимот да влезеш во „лик“ уште не стапнат на сцена.
Разбуди се: Ако „Креативен ден“ би бил приказна, можеш ли да ни напишеш синопсис кој би ја пренел најважната цел на настанот? П.С. Велиме приказна, а не новинарски текст во контекст на комерцијален текст…
Којзнае како му било на Тепис (6 века пред Христа) кој бил еден – првиот актер, а толкувал куп ликови, преоблекувајќи се „пута сто“… Или поточно напуштајќи го себството – „одрекувајќи се од себе“ заради „добробит -от“ на претставата. Така што костимот има своја драматургија или приказна во целата приказна.
Ова ме инспирира за тоа како ја замислувам приказната на овој „моден настан“. Приказна низ која се раскажуваат многу различни приказни на травестија. За преоблекувањето, облекувањето, поточно за идентитетот на современиот човек кој не само во етерот туку и во реалноста – преоблекувајќи се, поточно имајќи ја таа слобода денес инстат да се доживува и да се изразува себе си на начин на кој тотално се замислува, е всушност приказна по потрагата и градењето на идентитетот во ова конзумеристичко општество. Кој секој ден – нешто како „аватар“ на социјалните мрежи – може да те сокрие, или разоткрие… Да исчезнеш како свој или да станеш дел од нечија колективна приказна на масата.
Ќе откријам само мал детаљ околу креацијата која ќе ја претставувам на настанот „Креативен ден“. Неговата раскошност всушност е она лице на времето кое го живееме да грабне сѐ до крај. Да заслепи, да те заведе… И затоа со сета негова театралност е коментар на она погоре…
Најважно за она што го создаваме е: Kолку сите тројца сме различни… Но, фасцинантно е колку совршено се вклопуваме во новото пријателство кое се надевам ќе изроди нови соработки.
Така, Муамед е неисцрплив. Темелен, посветен, креативен, уникатен и веќе докажан моден дизајнер. Внимателен човек и со љубов кон театарот. А најважно, ме убеди дека можам да носам креација која е тотално спротивна од мене. Но, толку екстравагантна како нешто што можеби тој во мојот хабитус го препознал. И освен театар, заедничко ни е дека многу се смееме и двајцата сме љубители на чоколада.
Е, кога сме кај убавите работи, нашата Флоренсија – ученичката чиј ментор за на станот „Креативен ден“ е Muamed, е едно прекрасно девојче и наизглед и во својата професионалност – скромна, ненапдана, инвентивна и со нетрпение, после работата на овој модел, сакаме да засведочиме на нејзината професионална кариера, која ветува многу.
…И додека го привршувавме со Крајчевска, со Muamed Malikowsky го насочивме разговорот кон токму тоа создавање на едно цело. На тој идентитет, на таа бранова должина во кој човек би се пронашол, би егзистирал и слободно би сонувал. Muamed е пример за токму тој човек кој го слушнал својот „инер“ кој очајно барал од него фокус кон уметноста. Моден дизајнер со екстравагантен пристап кој не познава граници и навистина те остава без здив. Руши стереотипи, а сепак неговиот крајно цело и модни парчиња, создаваат приказна што понатаму ќе се памети како културен етос на општествениот наметнат или ненаметнат „тренд“. И во таа приказна кога ќе додадеш од пикантеријата наречена модна естетика, се создава креативна фузија од емоции што понатаму брилираат на модната писта. Што кога се иснпирираме од едно, а на крај ресоздаваме приказна што театрално зборува за стилот и влијанието на модните апетити врз битисувањето?
Разбуди се: Muamed, си одлучил да ги следиш твоите соништа. Во моментот на одлука што понатаму на кариерен план, си се откажал од правните студии и си бил упорен да станеш дел од мозаикот на модниот свет. Која е магијата? Што е она што толку многу Malikowsky го привлекло и што доживуваш кога креираш?
Најпрво, морам да кажам дека откако знам за себеси, тоа жарче на уметноста, тој уметнички пламен, таа неопислива страст живее и пламти длабоко во мене. Уште од најрани детски години кај мене се појавува љубовта за цртање, за пишување, за творење. Се сеќавам на 10 годишна возраст како пишував цели сценарија за детски драми… Подоцна, поради склоп на околности или “игри на судбината”, се најдов себеси како студент на правните студии, од кои никогаш не се откажав, но од дипломата ме делат уште четири неположени испити.
И во ситуација кога не знаев веќе што понатаму во животот, тогаш всушност се случи таа магија… Или да преформулирам – тогаш кога се најдов на дното, се пронајдов себе си! Уметноста и модниот дизајн е тоа што ми требаше за да бидам јас, за да бидам видлив, за да бидам жив… Така се вовлеков во тој „мозаик”. Она што не можам да го искажам со збор, го зборувам преку моите креации. Додека креирам, живеам во сопствен Свет, кој можеби се наоѓа на седмо небо, каде што не се плашам да ги изразувам своите чувста и емоции, нема правила и предрасуди, не познавам бариери и нема некој што ќе ме осудува или труе со лажен морал.. Ете тоа, накратко е мојот трејлер.
Разбуди се: Извонредни дизајнерски парчиња, екстравагант, маркантност и поинаква модна димензија… Во едно интервју велиш дека си инспириран од уметноста на исламската култура? Дали е само тоа твојата инспирација или има и уште нешто „пикантно“ зад оваа инспиративна приказна и бренд?
Навистина сум среќен што моите креации ги доживуваш на таков начин со епитетите со кои ги опиша. Тоа за мене значи уште еден триумф, дека некогаш некого сум воодушевил и фасцинирал со мојата уметност. Бидејќи потекнувам од муслиманско семејство, израснат во духот на ориенталната култура и традиција, неминовно беше тие да бидат скулптори на мојот творечки стил, едноставно затоа што тоа е мојот идентитет. А кога зборуваме веќе за инспирацијата на мојот бренд, тогаш би ги издвоил следните три компоненти: барокот – како уметнички правец, ориенталот – како визуелна естетика и луксузот – како начин на живот. Тоа е тоа што го прави Malikowsky Couture како уникатен моден бренд за висока мода.
Разбуди се: А соработките околу „Креативниот ден“…? Што се случува тука? Како тече процесот и како гледа Malikowsky на финалето што треба да се поентира од настанот?
Со еден збор – прекрасно! Подобро не ни можеше да биде! Ние сме навистина еден одличен тим, кој што се дружи дури и надвор од службените обврски околу „Креативниот ден“. Нашата дама Билјана Крајчевска е прекрасна личност, таа е вистинска инспирација, голема среќа, а работата со неа е огромна чест и големо задоволство. Можам да Ви ветам дека Ви подготвуваме спектакл за финалето на 1ви јуни, кој што ќе ги помести границите на настанот во иднина и ќе го понесе на уште едно повисоко ниво. Тука сакам да ја искористсм приликата и да изразам голема благодарност и почит за професорките од текстилната струка Живка И. Паркет, Ема Кука и Анита Стефановска, како и на Весна Божиловиќ и продукција Божиловиќ, пред се за иницијативата и организацијата на овој настан од особено значење, а потоа и за укажаната можност да бидам дел од истиот! За многу модни ревии!
Скромна, елегантна, убава и талентирана. На нашиот разговор се приклучи и Флоренсија Дурак, ученичката и дел од тимот.
Разбуди се: Колку веруваш во твоите соништа во поглед на модниот дизајн во нашата земја? Имаат ли перспектива младите?
Ова за мене е голем предизвик верувам во себе и во моите соништа во досегашното мое образование имав голема подршка и можност од професорките да научам многу, пред сѐ им се заблагодарувам што ме научиа за секој дизајн и изработка на модели професионални и искусни во својата рработа влегуваме во модниот свет и ги запознаваме сите негови убавини. Секој млад човек може да успее во секое поле ако верува во себе и има желба и љубов.
Разбуди се: Која е пораката на „Креативен ден“ за идните генерации?
Креативен ден е уникатна можност во која можеме да ги искажеме нашите идеи и поддршка од сите оние кои ни помагаат да го направиме она што сме го замислиле. Пораката за идните генерации би била да не се откажувате од својот сон и кога би му било најтешко. Силно да верувате во она што го сакат, и секогаш да бидат искрени и упорни во работата.
Така го (за жал) го завршивме разговорот со тимот на „Креативен ден“, но тоа не значи дека нема да се сретнеме повторно. Секако заедно со вас како публика, на настанот кој ќе се одржи на 1ви Јуни 2024.