Светлана Петковска за жените, вештачката интелигенција и менструалната правда: YUGO – sezona 4.
Светлана Петковска за жените, вештачката интелигенција и менструалната правда говори како претседател на Организацијата на жени на општина Битола, отворајќи важни теми за современото општество. Со шарм, хумор и искуство, таа раскажува за улогата на жените во минатото и денес. За општествените промени што го обликуваат модерниот живот. Потсетува и на времињата кога се омажила во 1984 година, споредувајќи го минатото со денешниот брз и динамичен ритам.

Светлана Петковска во продолжение зборува за технолошките промени.
Петковска истакнува како вештачката интелигенција може да им помогне на жените кога се користи внимателно и одговорно.
Таа се присетува на времето на факс-машините, кога еден повик значеше испратен лист хартија. Го споредува тоа со денешната дигитална брзина. Потсетува на зборовите на покојниот др. Чепрганов, нагласувајќи дека мозокот е најнеистражениот орган… Дека природните способности треба да се користат мудро, а технологијата да биде алатка – не замена.
Во разговорот, таа зборува и за разликите помеѓу мажите и жените. За возењето, за внимателноста на жените како и за важноста на манирите и женственоста. Потсетува дека „жена на жена е волк“. Дека љубомората и сопките се честа појава, но дека сите допринесуваат за општеството без разлика на нивната улога или професија. Шармантната гостинка во ова атрактивно движечко студео, нагласува дека современата жена во 21 век е посебна – бизнисменка, мајка, сопруга, а многу често не е домаќинка во традиционалната смисла, но сепак ја одржува својата женственост и внимание кон околината.
Светлана ја истакнува и менструалната правда, како проект што се спроведува во средните училишта, со трибини и диспанзери за хигиенски производи, со цел да се обезбеди рамноправност и отвореност за девојчињата.
Сосема на крај, таа ја дели својата порака: „Бидете добри, сакајте ги луѓето, ширете љубов, не омраза.“. Гостувањето на Светлана Петковска во „YUGO –сезона“ е инспирација за сите жени и мажи кои сакаат да ја разберат важноста на почитта, љубовта и мудрото користење на сопствените способности.
пишува: Ромина Марковска
