Се стопивме како торта: – мини-олимпијците во Југото на Мими! Во Битола, во срцето на старото Југо на Мими, се сместија малите тркачи – весели, зборливи и подготвени за големата трка. Како мини олимпијци со среќни патики и уште посреќни идеи!
Навистина се стопивме како торта — ама не затоа што беше жешко туку затоа што тие беа преслатки! Нашиот бистар Мими знае како да го извлече најслаткото од секој момент.
Се зборуваше за трката „Мини Трчај бе“, ама и за многу повеќе.
– Имате ли среќни патики? – праша Мими.
– Дааа! – извикуваат сите.
– Јас имам златни! – рече едно дете. Значи, медалот е веќе осигуран!
Да, тоа се тие мини филозофи во патики, што трчаат по радоста, а не по резултатот.
Мими, како и секогаш, го направи магично: ги вгнезди во Југото, им подари момент за паметење и покажа дека љубовта кон движење – и кон луѓето – почнува со првиот чекор… и добра дружба.
Се допре и математика (набрзинка), па веднаш до вистински предизвик:
– Ако се тркаме наназад, кој ќе победи?
– Јас! – се слушна самоуверен глас од задното седиште.
А што јадат најмногу овие тркачи?
– Грав и салата! – брзо одговорија. Чиста енергија.
– А сонувате ли дека трчате?
– Секогаш! – рече едно дете. Очигледно, тренингот не запира ни во сонот.
И се разбира – брзите очила.
– Ги носите ли?
– Да! Моите се лилави! – викаат, гордо.
Влечки? Неее! Со влечки ќе се сопнеме!
На крај, во Југото на Мими, како што сонцето ги стопи сите сериозни прашања, Мими рече:
„Се стопивме како торта… ајде сега – на трка!“
Ако сте во Битола – не пропуштајте ја највеселата трка: МиниТрчај бе!
Овде се трча со срце, со насмевка – и со златни патики, ако имаш среќа!
пишува: Ромина Марковска