Свети Валентин – Љубовта што не се подарува во кутии

Свети Валентин е секој 14 февруари кога светот потонува во лавина од црвени срца, чоколади и ружи. Се повторува истиот ритуал – пораки со шаблонски зборови, избрани подароци во последен момент и вечери во преполни ресторани. Но, дали љубовта, навистина се слави со календар и бонбониера? Дали вистинското чувство може да се спакува во украсна кутија и да се предаде со картичка?

Ајде да замислиме нешто поинакво. Што ако овој Свети Валентин не подариме ништо? Што ако наместо букет, подариме време? Наместо дијаманти – тишина што зборува? Наместо вечера во гламурозен ресторан  – прошетка под ѕвездите?

sveti valentin ljubovta shto ne se podaruva vo kutiii

Љубовта не се случува на 14 февруари. Таа се случува во утрата кога ни прават кафе без да побараме, во доцните ноќи кога некој останува буден само за да нè слуша, во тишината што не е непријатна, туку топла како прегратка. Љубовта е во неочекуваните моменти – во пораката испратена без причина, во погледот што кажува сè без ниту еден збор.

Зошто љубовта би требало да има само еден ден? Таа е во гестовите кои не бараат повод, во подадената рака кога ни е најтешко, во едноставниот „како си“ што значи многу повеќе од куртоазно прашање. Понекогаша, љубовта е во чекањето, во разбирањето без зборови, во слободата да бидеме она што сме, без страв од осуда.

Затоа, оваа година, да го славиме Свети Валентин така што ќе престанеме да го чекаме. Да ја славиме љубовта секој ден – без повод, без очекувања и без шаблони. Љубовта не е датум. Таа е чувство што се живее.

А што ако токму денес направиме нешто што не може да се купи? Што ако наместо подарок, подариме дел од себеси?

пишува: Ромина Марковска

[post_tags]