Салата на киното „Манаки“ во Битола, вечерта на 2ри ноември, одново беше преполна. Се случи премиерата на монодрамата „Куфер.МК“ во изведба на брилијантната актерката Соња Михајлова, во режија на Благој Мицевски. Настанот се случи во пресрет и по повод на 4ти Ноември, денот на ослободувањето на градот.
Патувањето низ „живата претстава“ започна со детството на актерката Соња Михајлова, преку животот во државата Југославија за да на крај остане и продолжи да егзистира во оваа денешна Македонија. Многу различни мириси, суптилни и суштински сеќавања. „Куфер.МК е мојот личен влог и влог на екипата на претставата, Благој Мицевски, Миодраг Неќак и Марјан Ѓеорѓиевски. Мојот предизвик всушност беше мојата потреба во овие ранливи времиња што ги живееме, време на секојдневни промени кои атакуваат врз нашите животи и пукаат шавови во сопствениот и поминат багаж и животот сега и овде. Ова е мојот куфер, мојот багаж на сеќавање и сегашност, мојата потреба да се сподели размисла, емоција, коментар на она што длабоко ме допира . Животот, земјата, државата, промените, луѓето, иднината…“ – подвлече Соња Михајлова низ длабочината на сопствената размисла.
Исходот на она што сакаше да го долови режисерот Благој Мицевски е повеќе од успешен. Резултатот лежи во успешната соработка со актерката и доброто познавање на нејзиниот сензибилитет. Се разбира и музиката има големо влијание на одличната манифестација на претставата. За неа беше одговорен композиторот Миодраг Неќаќ. Со својот музички печат, одлично патуваше низ времињата за да ја доливи оригиналната идеја на комлетната екипа.
Во првото видео ја гледаме актерката на својот точак низ улиците на Битола и толку многу препознатлива слика за восхит. Публиката уживаше и во останатите повеќе артистички и визуелни интерпретации на мислата. Истите се дело на докажаниот актер Марјан Ѓорѓиевски.
„Со идеална комбинација на текстуални и видео моменти режисерот создал претстава која го држи вниманието на публиката од првиот до последниот момент.“ заклучуваат од Bitola News, а ние би се согласиле и со гласен аплауз се поклонуваме на Соња Михајлова, неизоставен дел од мозаикот и бардот на тетарското глумиште.
Фотографија на Bitola News