На 18 и 19 август 2025 година, во Културен и информативен центар Офицерски дом – Битола во организација на Македонско научно друштво – Битола за прв пат се одржа манифестацијата „Книжевни вертикали“ во рамки на Битфест 2025. На 18 август 2025 со почеток во 19 и 30 ч. беа направени книжевни портрети на Борче Панов и Даниела Андоновска-Трајковска – и двајцата реномирани македонски писатели со бројни награди и објави во странство. За писателите зборуваа проф. д-р Златко Жоглев, м-р Елизабета Јончиќ, Весна Мундишевска-Велјановска и Милица Димитријевска Радевска, а настанот го модерираше проф. д-р Билјана Граматковски. За музичкиот дел се погрижи реномираната пијанистка и професорка м-р Горјана Стојановска. Во текот на вечерта Панов и Андоновска-Трајковска рецитираа своја поезија, зборуваа за поетското творештво како креативен чин, но и за делата кои беа претставени.
На 19 август 2025 во 11 ч. во Кристалната сала на Офицерски дом – Битола беа промовирани списанието „Современи дијалози“ и зборникот на трудови „Женски книжевен хабитус“ – и двете изданија на Македонското научно друштво – Битола. Два броја од списанието „Современи дијалози“, бр. 14 и 15 беа промовирани од проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска која истакна дека на него посветено се работи во текот на целата година и кое е едно од најзначајните книжевни списанија кое на околу 450 страници годишно објавува поезија, проза, драма, книжевна, театарска, драмска, ликовна и музичка критика од македонски автори, но и поезија во препев на македонски јазик од голем број автори од странство од околу триесетина земји од светот. Исто така се објавуваат и ликовни дела на значајни домашни и странски уметници како најава за секоја рубрика. Весна Мундишевска-Велјановска го промовираше зборникот на трудови „Женски книжевен хабитус“ којшто содржи авторски текстови на значајни книжевни критичари за авторки кои се родени или живееле во Битола во дваесеттиот век по одржана тркалезна маса во март 2025 година во организација на Македонско научно друштво – Битола. Потоа се одржа поетско читање на кое учество зедоа петнаесетина поети и поетеси, членови на МНД и/или Друштвото на писателите на Македонија, но и други автори од Битола. Овој настан е еден од многуте настани кои Друштвото ги организира оваа година во чест на одбележувањето на 65 години од своето постоење.
Борче Панов е роден на 27 септември 1961 година во Радовиш, Република Северна Македонија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1998 година. Има објавено 13 поетски книги и 7 драми на македонски, како и 12 поетски книги на бугарски, италијански, романски, полски, англиски, словенечки, хрватски и арапски јазик објавени во Бугарија, Италија, Романија, Полска, САД, Индија, Холандија, Хрватска, Словенија и Обедиенти Арапски Емирати. Неговата поезија е објавена во голем број антологии, литературни списанија и списанија дома и во странство, а неговите дела се преведени на околу 40 јазици. Борче Панов работи како советник за образование во општина Радовиш, а исто така е и уметнички координатор на Меѓународниот поетски фестивал „Караманови средби“ којшто се одржува секоја година во Радовиш (првото издание на фестивалот беше во 1967 година). Добитник е на неколку книжевни награди како што се: PremioMondiale „Tulliola-Renato Filippelli“ во Италија за неговата книга „Бричење балон“ (2021), Меѓународна награда за извонредност „Град Галатео-Антонио Де Ферарис“ (Италија, Рим, 2021 година), Премио „Le Occasioni“ во Италија (меѓу 662 учесници), светската книжевна награда „Сахито“ за 2021 година (прва доделена меѓу неколку истакнати и познати автори кои имаат добиено значајни книжевни награди како што се Нобеловата награда и Пулицеровата награда) и „Предраг Матвејевиќ“ во Хрватска за неговата книга „Бричење балон“ во конкуренција од 100 поети за дела напишани во 2018, 2019 и 2020 г.
Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола, Северна Македонија) е наградувана поетеса, писателка, доктор на науки по педагогија од областа на методиките, книжевна критичарка, уредничка на списанија меѓу кои и на Списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“ издание на МНД, списанието за литература „Раст“, „Стожер“ што го издава Друштвото на писателите на Македонија и списанието „Книжевни елементи“, коосновач е на Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик при Педагошкиот факултет-Битола каде што работи како универзитетска професорка, член е на Друштвото на писатели на Македонија, актуелна претседателка на Македонското научно друштво-Битола. Автор е на 18 книги на македонски јазик (поезија, проза, книжевна критика, научна литература) и 8 книги објавени на англиски, арапски, италијански, романски и полски јазик во САД, Индија, Романија, Италија, Полска и Обединети Арапски Емирати. Се занимава и со книжевен превод, а поезијата ѝ е преведена на 40 јазици и објавувана ширум светот. Добитничка е на неколку книжевни награди меѓу кои и: „Крсте Чачански“ за проза (2019), Караманов 2019 за „Електронска крв“, Македонска книжевна авангарда за „Куќа на контрасти“ (2020), Abduvali Qutbiddin (Узбекистан, 2020), Premio Mondiale “Tulliola- Renato Filippelli” за “Electronic Blood” (Италија, 2021), “Città Del Galateo – Antonio De Ferrariis” (Италија, 2021 и 2023), Книжевен круг за критика за „Книжевно-критички читања“ (2022), „Дритеро Агиоли“ за поезија (Корча, 2023), „Михаи Еминеску“ за поезија, златен медал и прогласена за амбасадор на културата во Романија во 2023, „Наџи Нааман“ (2023) во Либан, „Сахито“ (2023) Бангладеш, и највисокото признание за поезија што го доделува Друштвото на писателите на Македонија „Ацо Шопов“ за „Математичка поезија“ (2020).

























