Oтворањето на второто издание на книжевниот фестивал „Книжевни вертикали“ во организација на Македонско научно друштво – Битола,  друштво со 66-годишна традиција во поврзувањето на науката, уметноста и културата, започна на 18 август 2026 година со свечното обраќање на претседателката на Друштвото, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, која истакна дека „фестивалот е замислен како простор за афирмација на современата македонска и светска книжевност, за развој на читателската култура и книжевната критика, но и како место за непосреден дијалог меѓу авторите, младите творци, академската и културната јавност“. Збор зеде и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски кој го поздрави фестивалот и зборуваше за значењето на Битфест за Битола како и за улогата на книжевноста во развојот на културната свест кај граѓаните. Во првиот дел од вечерта беа книжевно претставени поетите Лулзим Тафа од Косово, Димитрис П. Краниотис од Грција, Калина Изабела Зјола од Полска и Арјан Т. Калчо од Албанија, а потоа настапија македонските поети: Даниела Андоновска-Трајковска, Оливера Андоноска, Лили Бошевска, Милица Димитријовска-Радевска, Петре Димовски, Златко Жоглев, Никола Илијовски, Елизабета Јончиќ, Весна Мундишевска-Велјановска, Зоран Пејковски, Михајло Свидерски, Габриела Стojаноска и Мирјана Стојановска. Настанот го модерираше проф. д-р Билјана Граматковски, а свој музички настап на пијано имаше Злата Даниловска.

Вториот ден (19.8.2026) започна со креативните поетски работилници во движење кои се реализираа во Хераклеја, преку Широк Сокак, Црквата ,,Св. Димитрија", па сѐ до Стара Чаршија. Учесниците беа запознати со културните знаменитости на Битола од страна на м-р Стефан Караџовски, историчар и м-р Александар Гулевски, историчар на уметност, а сето тоа послужи како инспирација за создавање нови песни за Битола кои ќе бидат објавени во посебно издание на Македонско научно друштво – Битола, а дел од нив беа вклучени во поетската инсталација предвидена за третиот ден од фестивалот.

На 19.8.2026 г. во попладневните часови во просториите на Македонското научно друштво – Битола (МНД), беше промовиран најновиот број 18 од списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво ,,Современи дијалози“ (издание на МНД) од уредниците на списанието Весна Мундишевска-Велјановска и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска. Беше реализирана и тркалезна маса на тема ,,Вештачката интелигенција и книжевноста – предизвици и перспективи“ модерирана од проф. д-р Златко Жоглев на која учество зедоа поетите кои учествуваат на фестивалот, членовите на МНД, но и други заинтересирани граѓани. На тркалезната маса беше отворена дискусија за влијанието на ВИ врз современото книжевно творештво. Беа разгледани можностите за користење на ВИ како помошна алатка, но и прашањата поврзани со авторството, оригиналноста, интелектуалната сопственост и етичката транспарентност. Посебно внимание беше посветено на можностите што ги нуди ВИ за развој на нови книжевни форми и поголема достапност на творештвото. Заклучокот беше дека ВИ не треба да се гледа ниту како закана, ниту како замена за авторот, туку како алатка чија вредност зависи од начинот на кој се користи, при што човечката креативност и искуство остануваат во центарот на книжевноста.

„... во кругот на гергефот можат да се сретнат традицијата и современоста, раката и мислата, минатото и иднината, личното и колективното, уметноста и секојдневието. Тоа што изгледа како едноставна рачна техника може да стане начин на раскажување. Везот не се чита само со зборови, туку и со боја, форма, бод и симбол... кога нишките ќе ги ставиме една до друга, кога ќе ги протнеме низ истото платно, токму тогаш тие раскажуваат приказна и така конецот станува збор.“ – вака започна поетското кафе во Кафе бар Пионерски дом на 20 август како дел од инспиративното предавање на проф. д-р Биљана Цветкова Димов за значењето на везот од културолошки, социолошки, уметнички, историски, но и книжевен аспект. Поетите везеа и со конци и со зборови. Водени од вештата рака на Живка Танушевска Ицаноска, наставничка од текстилната струка при СОУ „Таки Даскало“ - Битола, тие создадоа вез со логото на „Книжевни вертикали“, а потоа со своерачен потпис на платното го овековечија својот влог во создавањето трајни поетски пријателства. Исто така, рачно ги испишаа своите стихови за Битола врз посебно изработена рециклирана хартија од учениците од графичката струка на СОУ „Таки Даскало“ – Битола под менторство на наставничките по графички стручни предмети Валентина Ристеска и Весна Мундишевска-Велјановска. Поетските автографи станаа дел од поетската инсталација која ќе биде трајна поставка во просториите на Македонско научно друштво – Битола. Поетите најдоа инспирација и во изложените ликовни дела во Галерија и музеј „Ранко Струмениковски“, дел од изложбата ,,ТОПОС" на современа полска графика каде беа топло пречекани од д-р Драган Ристевски.