Во една таинствена таверна во италијанскиот град Бергамо кој е лоциран во алпскиот регион, Ломбардија, откриен е рецепт кој се изгубил во изминатите векови. Според сите индикации, овој кулинарски деликатес е мошне стар рецепт. Потекнува од крајот на 17от век и почетокот на 18от век. Токму тогаш, гурманите се впуштале во изобилство од вкусови, ароми и густација.
Имено овој стар рецепт, опишува нешто што се чини како магична комбинација на состојки. Состојки од типот на ароматични билки (рузмарин, каранфилче, бибер), месо како печена патка и богат фил од внатрешни органи. Овие, последните, се попржувале на масло со кромид, целер, лук, морков и магдонос.
Според изворниот рецепт, патката се печела во бујон од варени коски и бело вино. Филот содржел и леб натопен во млеко и јајце. Печената патка се сервирала со седум прилози. Меѓу нив имало зелка, карфиол, морков, зачински билки, два вида палента и пире од компири. (Секако фотографијата подолу не го опишува стариот рецепт, но ја прикачивме колку да ви го отвори апетитот. )
Рецептот не потсетува дека во претходните векови, креативноста во кујната била исто така богата и шаренолика како и денес. Во таверната која ги промовира заборавените јадења, таинствениот рецепт е насловен како „ Il Cocho bergamasco alla Casalenga“ со упатство – како пред 400 години се приготвувала печена патка.
„Сакаме да понудиме изгубена традиција“, нагласува Елиса Тајочи, сопственичка на ресторанот „Тaiocchino“, која го менаџира заедно со сопругот.
Можеби ќе се поттикнат гурманите од сите времиња да бараат нови вкусови и гастрономски приказни, скриени во длабоките патеки на времето.