Само за љубителите на театарската уметност. Наскоро во Центарот за култура Битола, публиката ќе има чест да ужива во автентичен проект кој зборува за хуманоста и емпатијата. „Улаф сте“ е претстава која ќе ги руши општествените стеги, бариери и недоволно развиената свест кон глувите лица. Станува збор за прва професионална претстава на македонски знаковен јазик за возрасни лица со оштетен слух и на говорен македонски јазик.
„Претставата ги обработува проблемите на младите и фактот дека населението се иселува од државата. Авто-цензура која е присутна од стравот да се кажат јасно и гласно општествените проблеми. Приказната се раскажува низ призма на глувонемата заедница, во која актерите во име на глувите лица без цензура ги раскажуваат сите општествени неправди кон оваа ранлива група.“ – се вели во најавата за овој проект.
„Пред година и пол неколку глуви возрасни лица во Охрид после гостувањето на детската претстава ТРИ на знаковен јазик – МЕ ЗАМОЛИЈА ДА НАПРАВАМ ПРЕТСТАВА НА ЗНАКОВЕН ЈАЗИК ЗА ВОЗРАСНИ, БИДЕЈЌИ НИКОГАШ НЕ ГЛЕДАЛЕ ТЕАТАР НА НИВНИОТ МАЈЧИН ЈАЗИК (Знаковен јазик). Хуманизмот и емпатичноста не се само добри карактеристики на човештвото, тие се претворија во моја лична мисија “ – истакнува Јовица Ристовски, кој се потпишува како режисер на претставата и додава:
-Претставата, освен глуви лица можат да ја гледаат и останатата публика и за прв пат да уживаат во една сосема поинаква театарска сензација.
Премиера: 16 јуни – петок, 20 часот – Центар за култура – Битола.
Продукција ATO.