Почина Легендата на Југословенскиот Рок, Бора Ѓорѓевиќ од „Рибља Чорба“

Белград, 4 септември 2024 – Музичката сцена на Балканот е завиена во црно.  Бора Ѓорѓевиќ, фронтменот на културниот рок бенд „Рибља Чорба“ и еден од највлијателните гласови на југословенската рок сцена, почина денес, на 72 години во Љубљана каде што се лекуваше од тешка пневмонија. Неговиот менаџер Бане Обрадовиќ, ја потврди оваа трагична вест која ја потресе цела генерација фанови.

Бора Чорба, како што беше познат по своето уметничко име, е роден во Чачак во 1952 година. Тој ја започна својата музичка кариера во 60 – тите години. Свиреше во групи како „Заједно“, „Сунцокрет“ и „Рани мраз“, пред да ја основа „Рибља Чорба“ во 1978 година. Овој бенд стана симбол на југословенскиот рок. Креираше звук и текстови кои оставија неизбришлива трага во музичката историја на регионот.

Со неверојатни 20 студиски албуми издадени за повеќе од четири децении, „Рибља Чорба“ успеа да се истакне како една од најдолговечните и највлијателни рок групи на Балканот. Бора Ѓорѓевиќ беше уникатен пејач, талентиран текстописец и композитор. Неговите соработки со познати пејачи како Здравко Чолиќ, Неда Украден и Маја Оџаклиевска само го потврдуваат неговиот статус на икона во светот на музиката.

Музичките и текстуалните креации на Бора Чорба остануваат вечен симбол на еден период кој засекогаш ќе биде дел од колективната меморија на многу генерации. Неговото наследство ќе продолжи да живее преку музиката која инспирираше и обединуваше милиони луѓе низ годините.

Балканот денес го изгуби гласот на револтот, бунтот и искреноста. Бора Ѓорѓевиќ ќе биде запаметен како музичар со уникатна харизма. Тој е човекот кој го обликуваше звукот на еден цел регион. Нека почива во мир.