Свечено отварање на 5-то издание на меѓународниот натпревар по пијано

Овие денови во Битола ќе биде празник на музиката.

Со концертот во Офицерскиот дом на минатогодишниот лауреат на Пијанофест 2022, Лара Арбајтер од Србија, како и Маргарита Вујовиќ на пијано и Анастасија Холц – сопран, исто така од Србија, свечено беше отворено 5-то издание на меѓународниот натпревар по пијано, пијано дуо и соло пеење “ПИЈАНОФЕСТ 2023”.

Приказната започна во 2019 та година, со 80 учесници од повеќе земји, а оваа година таа бројка се искачи на 120 од 8 земји: Србија, Македонија, Албанија, Ермениа, Косово, Полска, Хрватска и Бугарија.


Натпреварот е во организација на Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО од Битола, чии основачи се професорките Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска.
Се реализира под покровителство на Министерството за култура на Македонија и општина Битола.

Пијано фест се одржува во соработка со Културно Информативниот центар – Битола, а поддржувач на натпреварот е и Државното музичко училиште од Битола.
Во прекрасната сала на Офицерскиот дом, публиката уживаше во концертот на гостинките од Србија, а истиот го отвори заменик градоначалникот на општина Битола Бојан Бојкоски.

Минатата година бев лауреат на натпреварот и голема е честа што добив можност оваа и година да настапувам во оваа прекрасна сала.Натпреварот е одлично организиран и одлично се чувствувам“, изјави Лара Арбајтер.

Натпреварувачите на Пијанофест оваа година ќе ги оценува меѓународна жири комисија во состав: Маргарита Вујовиќ (Србија/Русија), Мирела Туше Вонгли (Албанија) и Катерина Кетковиќ Фидановска – пијано и соло пеење: Анастасија Холц (Србија), Маја Митровска (Македонија), Александра Коцевска (Македонија).

Чест ми е што сум член на жири во категоријата за соло пеење, а како некој кој бил поранешен пијанист и професор по пијано и соло пеење, чест ми е што соработувам како концерт мајстор со една од моите студентки, но чест ми е и што го отварам фестивалот заедно со Маргарита Вујовиќ.Голем е предизвикот да се биде и член на жири, затоа што пред се тоа е една голема одговорна и тешка задача, но задоволство ми е што сум тука“, изјави Анастасија Холц.

Оваа година на Пијанофест учествуваат 120 учесници од 8 земји.

Одлично тоа е фантастична бројка, и мислам дека е одлично што е воведена и категоријата за оперско соло пеење. Мислам дека овие натпревари се многу значајни за основно, средно и на факултет, затоа што на тој начин покрај солистичките настапи, децата го надградуваат своето знаење, а стекнуваат и самодоверба што во секој случај ќе влијае на нивната понатамошна кариера“, додаде Холц.

Учесниците оваа година на 5-то издание на Пијано фест ќе се натпреваруваат во дисциплините пијано соло и пијано дуо. Оваа година Пијанофест освен овие дисциплини е збогатен со уште една – соло пеење. Учесниците се поделени во категории од 6 години па нагоре, според возраста и тоа во 8 категории во дисциплината пијано и 6 категории во категоријата соло пеење.