Пензија или музика? Дали музиката има рок на траење? Не и за Стив и Кармата. Во најновата епизода на „Мими JUGO“, харизматичните гости – Стив и Кармата – нè само што не насмеаја до солзи, туку и нè потсетија зошто музиката е повеќе од професија – таа е стил на живот. Во разговорот исполнет со хумор, искреност и носталгија, се отвори и прашањето: ќе се пензионираат ли или сепак ќе продолжат да ја живеат музиката?
Во квизот „Сè или ништо“, Кармата раскажа како син му го пријавил без да знае. Се најде на погрешно место…ама на крајот не се попарил – се опарил! Стив и Кармата во емисијата на Мими говореа и за филмот „Патот на кенгурите“, за убавите времиња, пријателствата и авантурите кои ги носат во срцето.
Големите луѓе, велат, ги препознаваш по способноста да се шегуваат на своја сметка – а оваа емисија беше жива потврда за тоа.
Пензија или музика? Како да се пензионираат луѓе со ваков дух? Дали знаете што доби Стив како награда на една од многуте музички турнеи? Стрижење! Но, со или без коса, Стив и натаму зрачи со „аеродинамична“ харизма и музичка енергија која не стивнува.
Кармата пак, со својот препознатлив хумор, го раскажа својот омилен виц за тапанарот:
„Еден тапанар се пријавил за басист и му рекле дека за тоа треба да има само половина мозок. Па му го извадиле целиот, оти за време на операцијата, докторот се замоабетил, ама ако. После операцијата, се буди несудениот тапанар и вели: „Каде ми се стапчињата?“
Смеата продолжува, а со тоа и потврда за тоа како Кармата и Стив не се борат да изгледаат совршено, туку ги користат нивните слабости и предности како гордост. Така и треба. Нивниот хумор и искреност се нешто што ги прави уникатни, а публиката ги обожава токму поради тоа.
Во Македонија, кога ќе се роди дете, обично му се ставаат различни предмети како чеканче или пари, за да се види што ќе допре дететото и што ќе одбере како своја иднина. Стив ја искористил оваа традиција на свој начин. „Се фатив за клавијатурите и свириме!“, се шегуваше Стив.
Авантурите на Кармата? Скршените пасоши? Е тоа е посебна приказна, која најубаво ја прераскажува Стив, ништо помалку и Кармата. Започнала пред турнеја во Германија…и ТОЛКУ од турнејата и за Стив и за Кармата. Ако Стив ја скршил ногата, зошто да не е скршен и пасошот на Кармата? Ете, убаво си се дружеа надвор од музичките случувања. Ама. истата приказна со скршениот пасош се повторува и во Австралија: трчање по амбасади и милиони обиди да се докаже дека тој е вистинскиот Карма.
И конечно за бизнисот со полжави. „Полжавите се незаинтересирани за бизнисот – тие секогаш си имаат свои планови!“ А нивната искреност и природност се токму причините поради кои публиката ги обожава.
Финалното прашање на Мими – „Пензија или музика?“ – доби едногласен одговор: музиката продолжува. И тоа со срце, смеа и стил.
Животот, сепак, најубаво звучи кога е во ритам.
пишува: Ромина Марковска