СО ВЕЧНОТО ДЕРБИ ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР ВО НЕДЕЛА ОФИЦИЈАЛНО ЗАПОЧНУВААТ НОЌНИТЕ НАТПРЕВАРИ НА СТАДИОНОТ ПЕТАР МИЛОШЕВСКИ ВО БИТОЛА
Најголемото дерби во македонскиот фудбал, помеѓу фудбалските клубови Пелистер и Вардар, во недела од 19:00 часот за првпат ќе се игра под рефлектори на Стадионот „Петар Милошевски“ во Битола. Со овој натпревар официјално се отвора новата можност за реализација на ноќни натпревари на Стадионот во Битола.
Како што беше претходно најавено, Општина Битола и Фудбалската федерација на Македонија како носител на проектот за рефлекторско осветлување на стадионот “Петар Милошевски”, ги финализираа активностите за центрирање и фотометрија на рефлекторското осветлување, неопходни за одигрување на ноќни натпревари на стадионот во Битола, согласно пропишаните стандарди.