„Не си играј со оган!“ ми велеа…
Знаете, понекогаш имам чудна навика… Облекувам нешто што не ми одговара, пијам какао и седам на прозорец. Чекам да ми дојди некоја ексклузивна мисла, инспирација… Идеја што ќе го запали интернетот. И не пали. Ништо не пали. Само има тензија. Тензија и цигара за цигара. Оти не сакам актуелно. Не сакам трендови! Не сакам да го носам тоа што го мразам. И тоа што го диктираат. Не сакам да се џарам во црна „oversized“ кошула оти била во тренд и ми го покривала хедонизмот и гурманскиот интелект. И не сакам да носам златен ланец оти бил шик, бренд… И не сакам да се џарам и да „не ми текнува“ ништо. Како сега. Сакам да го носам тоа што го сакам. Да го слушам тоа што го сакам, но и да го гледам тоа што треба!
Сакав да кажам…
Утрово се разбудив со елан, полна со енергија дека денес е тој ден. Всушност и на мојот компјутер го пишува тоа. На десктоп. „Today is the day“ – Денес е ТОЈ ден. И убедена бев дека ќе го освојам светот. Дека можам да го освојам денот и да бидам над трендот, побрза од пазарот, во актуелното во пикот. И ништо од тоа не бидна. Пијам какао наместо макијато и си велам… Облечи нешто што сакаш… Не ова. Облечи нешто што ти е по волја, не ова. Напиј се она што го сакаш, инаку ќе останеш жедна… Долго време. И така, се сетив за што да пишувам. Ќе пишувам за она што сакам да го напишам. Ќе пишувам за лажни пријатели. Сигурно сите сте ги имале, но ако сеуште постојат во вашиот видокруг… Еве што треба да им кажете.
Сѐ некако денешниов текст ми се поврза со вечерниот коледарски оган... И дури умот ми заглави во онаа ЈАС како некогаш се гледа во коледарскиот оган, и дури го гушкам силно тој некогашен пламен како жив, како пред мене да е, си мислам: „Не си играј со оган!“
Имено, некои стари песни се вртат повторно… Некое минато пак се враќа во животов. Барем се обидува! Некои „бајки“ упорно удираат на врата. Сакаат да им отворам! Истите тие приказни, пријатели, смешки, лудории… Навидум другари… Истите тие, некогаш ти го вртеле грбот. Те гледале како парче од една секунда која и онака не им била потребна. Ти ја гореле душата, се правеле важни… Не ти верувале. Не сакале да веруваат во тебе! А си љубел. Си ги љубел и исто така пред огнот, пред години си гледал во тој пламен… И си замислувал дека те сакаат, почитуваат. Офанзивно го бркам убавото и свестувам мисла оти и не било толку убаво. Истите тие приказни, денес тропаат упорно на врата и ти велат:
„Мило ми е што те видов!“ А мило ли ќе им биде на врапците ако стапнат на бодликава жица?
И што кога е доцна?
Не си играј со оган стар пријателе! Искористи го твоето граѓанско право. Свет на демократија нели? Имаш тотално право да не дозволиш да правиш будала од себе!
Палам уште еден тутун. Овој пат оти сакам! Го гледам чадот и пак сум кај огнот дури констатирам: Минато е кога завршило сѐ. Минато е кога не се сеќаваш на него, а очигледно ти се сеќаваш. Ти знаеш оти не ти е минато. Ни мене ни тебе. Ни вас, ни вам. Но, убаво ли ти беше, кога го раситна нашето пријателство за ситни банкноти? Кога му даде аванс на ѓаволот за да ме избрка оти пречев во кадар? Кога без проблем заврти грб и не гледаше ништо. Што имам, што сакам. Која сум, кои сме?
Убаво ли ви беше кога пред огнот мрачев и сакав некој да ме слушне?
Кога сакав да викнам во таа тивка коледарска приквечерина и да ти кажам оти знам. Оти знам дека не знаеш. Убаво ли ви беше кога ме гледавте како горко кафе, како кисела бонбона, како нешто смешно и не толку убаво како за вас. Како за вашиот „грандиозен“ вкус. Кога на мускули го носевте целиот мој товар од емоции, посвети, подароци, песни. Но, нели празниците се за подарување?
Не ти е мило тебе пријателе. Досадно ти е со евтиниот живот кој го живееш за инает. Со тој живот кој не го сакаш и не го умееш! Со твојата себичност и моќ за уште повеќе дури газиш покрај огнот! Не ти е мило за мене, а тоа кажува дека не ти е мило ни за тебе! Досадно ти е и се предаде како генерал од самобендисана војна. Крена ли бело знаменце? М?
Шмркам од веќе попладневново кафе оти колумнава ја пишам од мугри… И поентирам со ниска интелектуална формула за среќа. Ама каква таква моја си е. Не е феик и не е нешто што го имитирам, и го следам слепо како тренд. не е шунд и не е кич:
Минато е минато пријателе. Не си играј со оган!
Пишува: Елена Трпковска Наумовски