Во среда 5-ти јули, во рамките на БИТФЕСТ 2023 во Центарот за култура – Битола, по 13-ти пат ќе се одржи традиционалната манифестација НЕЗАБОРАВ 2023. Битолчани ќе уживаат во песна и уметност низ музичка носталгија за поранешни времиња, за битолските боемџии, за животот низ битолските сокаци.
„Годинешниот НЕЗАБОРАВ е посветен на Фестивалот на забавни мелодии со фолк мотиви што во Битола се одржуваше од 1992-1996. На концертот, во живо ќе настапат исклучиво битолски музичари и пеачи со песни од битолски автори. Досега НЕЗАБОРАВ беше посветен на: Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, Љупчо Спасеновски (Буба Мара) Добри Ставревски, Гоце Николовски, Миле Шерденков, групата Битолски Конзули, Битолчани на Валандово, Драган Каранфиловски – Бојс, и песни за Битола – прв и втор дел.“ – се вели во соопштението на ова тринаесетто издание.
Манифестацијата е комплетно финансирана од Општина Битола во рамките на БИТФЕСТ, како автор на проектот се потпишува Панде Димитровски.