„Науката кај нас“ – Тркалезна маса во организација на Македонското научно друштво Битола

Во пресрет на Денот на науката, 10 ноември, најстарото научно друштво во Македонија, Македонското научно друштво – Битола, организираше тркалезна маса со наслов „Науката кај нас“.

Тркалезната маса „Науката кај нас“која се одржа во Роднокрајното одделение при НУУБ „Св. Климент Охридски“ –Битола, ја отвори претседателката на МНД – Битола, проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска.

Науката

Во своето излагање претседателката пред голем број присутни членови на друштвото нафрли повеќе прашања. Прашања поврзани со развојот, текот и предизвиците на научната мисла во нашата земја, но и на глобално ниво. Одговорите за овие и други прашања поврзани со науката беа понудени во излагањата на четирите претходни претседатели на друштвото. Проф. д-р Игор Неделковски, актуелениот ректор на УКЛО, проф. д-р Борис Ангелков, проф. д-р Марјан Танушевски, и проф. д-р Невена Груевска.

Науката

Свои согледувања, идеи и предлози за тоа како да се подобрат состојбите во науката во нашата земја и во која насока да продолжи МНД – Битола споделија и дел од останатите членови на Македонското научно друштво – Битола.

На крајот од настанот, потпретседателката на МНД – Битола, проф. д-р Силвана Нешковска, ги сумираше клучните поенти од дискусијата.

Преку истите се дојде до заклучок дека науката кај нас, во моментов е во една прилично хаотична и стихијна состојба. За вистински развој на науката кај нас потребно е државата да изгради долгорочна стратегија. Стратегија која првенствено ќе се базира на суштински реформи особено во високото образованието.

Традиционалните методи на наставата да бидат заменети со современи методи кои ќе вклучуваат истражувачки пристап. Потоа, магистрантите и докторандите, кои се најсилната алка на научните истражувања, да бидат соодветно поддржани од државата… За потоа, со своето знаење и искуство, да придонесат во сите сектори, не само во високото образование. И секако МНД – Битола, кое пред скоро 65 години многу ентузиастички започна да биде „свеста и совеста“ на нашето општество, да продолжи будно да ги следи сите збиднувања кај нас и пошироко, и критички и аргументирано да се осврнува на нив и да биде предводник и иницијатор на позитивни промени во општеството.